Ставрески: Постапката за отпис на долговите ќе заврши до септември

Отпис на долговите кон ЕВН и банките на ранливите категории ќе почне веднаш по формирање на новата влада, а ќе заврши постапката до септември 2014 година. ЕВН и банките и останатите субјекти ќе бидат ослободени од даноци за иста сума колку што ќе отпишат долгови.

Ова го истакна денеска на прес-конференција во Струмица носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во 4. изборна единица Зоран Ставрески, образложувајќи ги проектите од програмата.

- Во рамките на програмата на ВМРО-ДПМНЕ има и еден посебен проект кој што се вика Еднократен отпис на долгови и е наменет за најранливите и најсиромашни категории на граѓани во Република Македонија. Ќе се изврши отпис на долговите за три категории на граѓани, за примателите на социјална помош, за семејствата каде двајца се невработени или за самци кои не се вработени, а кои во Агенцијата за вработување се евидентирани како активни баратели на работа подолго од 12 месеци и трето во семејствата каде поради смрт или тешка болест на едниот сопружник се променила материјалната состојба и не можат да ги плаќаат обврските ќе бидат отпишани долговите за струја, долговите кон банките по основ негативни салда по тековни сметки и долговите за парно греење и радиодифузна такса, рече Ставрески.

Посочи на мерката за намалување на даноците за училишен прибор, кој предвидува намалувње на ДДВ од 18 на пет отсто што, како што рече, значи ќе има заштеда од три илјади денари на годишно ниво за семејствата. Ќе се намали и данокот на бебешките производи што на семејствата ќе им заштеди околу 5.000 денари на годишно ниво.

За проектот „Купи куќа, купи стан“ рече дека каматната стапка ќе се намали за еден отсто од досегашната. - Семејствата кои немаат сопствен дом ќе добијат кредит по пониска камата од 3,99 отсто во првите три години, односно 4,44 отсто во четвртата и петтата година.

Во програмата за сите вработени во јавниот сектор, односно за наставниците, здравствените, културните работници, полицијата и војската и за јавната администрација обезбедивме зголемување на платите од вкупно 21,5 отсто, што ќе се одвива по 5 отсто годишно, а ќе започне со октомвриската плата 2014 година.

За најранливите категории граѓани, за примателите на социјална помош, рече дека обезбедуваат зголемување на социјалната помош за 21,5 отсто за 4 години, односно по 5 отсто годишно.

Додаде дека има дополнителни мерки за социјалните категории како и за семејствата кои имаат деца со пречки во развојот. - Семејствата кои имаат деца со пречки во разојот ќе имаат зголемување на надоместокот за 25 отсто во 2015 година. Истото покачување е предвидено и за згрижувачките семејства, односно за семејствата кои згрижуваат деца со пречки во развојот. Семејствата, пак, со деца со Даунов синдром од 2015 година ќе добиваат надомест кој досега го немаше, рече Ставрески.

Потенцира дека за пензионерите грижата ќе продолжи и понатаму преку редовна исплата на пензиите, како и нивно редовно зголемување по 5 проценти секоја година. - Вкупно 21,5 отсто ќе се зголемат пензиите во следните четири години. Истовремено за пензионерите се обезбедени и други стимулативни мерки за зголемување на мобилноста, за подобрување на животниот стандард меѓу кои спаѓа и мерката за еден бесплатен викенд во одморалиштата во Република Македонија, рече Ставрески и додаде дека оваа мерка ќе ја искористат по 3.000 пензионери годишно или вкупно 12.000 пензионери.

Обезбедени се и дополнителни мерки за земјоделците врз основа на, како што рече, досегашното искуство и позитивните резултати од силната поддршка на земјоделството. Покрај исплатата на 550 милиони евра субвенции во изминатиот период, најави дека во наредните четири години предвидени се 600 милиони евра субвенции или по 150 милиони евра секоја година. Зејоделците ќе се поддржат и со намалување на ДДВ за сточна храна од 18 на 5 отсто што ќе овозможи поевтина влезна суровина за да се зголеми домашното производство на месо и млечни производи.

Истакна дека ќе продолжи и изградбата и реконструкцијата на болниците, ќе има проекти и во делот на културата, во делот на спортот и во делот на образованието на инфраструктурата.

25.04.2014 - 14:37
Фото: 
македенес

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега