Неправедното владеење со МПЦ води кон задгранична МПЦ
“Нема ништо во Уставот на МПЦ што му дозволува на Петар да го злоупотребува за своевидно рекетерство правото да расчинува свештеници. Ако Синодот сака долгорочно да ги задржи Епархиите во Европа, Австралија, Америка и Канада, ќе мора сериозно да сфати дека Македонците во тие општества научиле да го ценат владеењето на правото и дека таму не може да важат едни правила за народот, а други за властелините, или пак оние на власт постојано да си измислуваат, толкуваат и злоупотребуваат правила според дневните владеачки потреби.
Oва е главниот елемент што Игор Аврамовски Александров, претседателот на Здржението на македонските заедници во Австралија му го посочува на Архиепископот г.г.Стефан, поглаварот на Македонската православна црква, кој во Велигденско интервју во дневен весник, рече дека само со искрен дијалог може да се решат долгогодишните проблеми со македонските црковни заедници, но и најавите за нови тужби на владиката Петар.
Архиепископот изјави дека МПЦ има свој устав, кој е составен врз основа на каноните и одредбите од црковното право. И тој важи за целата територија на нашата црква.
- Суспендирањето на Уставот би значело суспендирање на МПЦ. Значи не може секаде да важат овие одредби изгласани и одобрени од црковно-народните собори, како највисоко тело на МПЦ, а за некаде да се прават специјални услови. Синодот се согласи и дел од црковните општини ги прими под директна јурисдикција и се потпиша меѓусебен договор како тие да постапуваат. Но од тоа ништо-објасни поглаварот. Конечно, истакна Архиепископот треба да се разбере дека решението е во помирувањето и во враќањето во рамките на МПЦ, па внатре, преку искрен и конструктивен дијалог, да се решат недоразбирањата.
- И треба да се запамети. МПЦ е на сите нас, таа е заеднички имот. А сѐ во црквата има боговоспоставен поредок - додава г.г. Стефан.
Одговорот на Александров на ваквата изјава на Архиепископот е дека кога Синодот доследно би го применувал Уставот на МПЦ, не би ги имале проблемите што ги имаме денес.
- Според Уставот на МПЦ, епархиите и црковните општини надвор од Република Македонија треба да бидат регистрирани како посебни правни лица со право да стекнуваат и поседуваат имоти на свое име. А Синодот веќе 17 години му дозволува на Петар да ја опустошува Македонската православна зедница во Австралија со граѓански тужби, анатеми, екскомуникации, расчинувања, злонамерни лаги и клевети, ширење омраза и насилства меѓу верниците, токму со цел да ги поништи регистрираните црковни општини и да ги стави нивните имоти на свое лично име и на име на од него зависни попови.
- Нема ништо во Уставот или во каноните, потенцира претседателот на Здружението, што му дозволува на Петар да расчинува православни свештеници само затоа што служат во храмови од кои тој ги повлекол неговите свештеници или се заканил со нивно повлекување како уцена за црковните општини да му ги отстапат имотите. Нема ништо во Уставот што му дозволува на Петар или на Синодот да го злоупотребуваат за такво своевидно рекетерство правото да расчинуваат свештеници. Неслучајно свештениците за кои Петар вели дека ги расчинил се признати и сослужуваат со свештеници и владици на цркви од кои самиот Синод на МПЦ бара канонско признавање, вклучувајќи ја Руската православна црква-нагласува Александров.
Според него, што се однесува до наводот дека општините кои тој ги застапува прекршиле некаков договор со Синодот, добро би било Синодот да го објави поптишаниот документ од преговорите, ако веќе Архиепоскопот одлучил јавно да се коментира кој што прекршил.
-Јас засега ќе кажам дека ние преговаравме само со Синодска комисија, на чие чело беше Архиепископот, а не директно со Синодот. При самите преговори, Архиепископот рече дека Комисијата нема овластување да потпишува договор, туку треба предлозите од преговорите со нашата делегација да ги врати на Синодска седница. После Синодската седница, воопшто не е направен обид од страна на Синодот да ги продолжи преговорите со нашите делегати, за начелата околу кои постигнавме условна согласност со комисијата да се развијат во договор.
-А оние начела за кои веќе постигнавме условна согласност беа прекршени од страна на Синодот уште на почетокот, кога Синодот, иако нас не уверуваше дека не ги бара имотите на црковните општини во Австралија, одлучи да му дозволи на Петар и понатаму да ја тужи МПЦО Св. Петка од Сиднеј за да и го приграби имотот, а сега, откако не успеа во тоа, да отвора и нова тужба за да протера 891 од вкупно 897 членови на општината, за така да може 6 или 7 членови да му го препишат имотот-објаснува Александров
Според него, ако Синодот сака долгорочно да ги задржи Епархиите во Европа, Австралија, Америка и Канада, ќе мора сериозно да сфати дека Македонците во тие општества научиле да го ценат владеењето на правото и дека таму не може да важат едни правила за народот, а други за властелините, или пак оние на власт постојано да си измислуваат, толкуваат и злоупотребуваат правила според дневните владеачки потреби.
- Доколку во наредните година до две Синодот не покаже дека навистина го разбира тоа, се плашам дека воспоставувањето на самоуправна Македонска православна црква за дијаспората, почнувајќи со Австралија, па Америка и Канада, ќе стане неминовен, природен исход на судир на културни вредности. Тој процес може да започне со само пет цркви, но штом почне мислам дека бројката само ќе расте-потенцира Александров
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа