Јохан: Кога ми беше најтешко, зад мене ги имав само Груевски и ВМРО-ДПМНЕ (ВИДЕО)
Да се дојде дома, да се застане меѓу своите, каде што ти чука срцето, кај што ти е душата е права привилегија, рече синоќа Јохан Тарчуловски на митингот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Бутел.
Тој уште во раните 90-ти години беше првиот претседател на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, од тогаш до денес, посочи, се борел и ќе се бори за тој дел на градот.
-Кога ми беше најтешко, во 2005-та година, кога многу луѓе го вртеа погледот од мене и моето семејство, кога многу луѓе се срамеа да кажат и дека ме познаваат, премиерот застана позади мене, ВМРО застана позади мене и кажа „Јохан, ВМРО никогаш нема тебе да те остави“. Е, тоа е јачината на ВМРО. Кога ти е тешко да ти застанат позади тебе и да ти дадат поддршка. Кога е лесно, сите се тука, сите ќе те тапшаат по рамото. Кога е мака е гледа кој е кој. Кога е мака се гледа кој има срце и душа. Кога е мака се гледа како се брани ближниот. Тоа е премиерот Никола Груевски. Тоа го рече од првиот ден и така остана до крај, рече Јохан.
Тој јавно вчера му се заблагодари на премиерот за целата поддршка. Посочи дека народот од другата страна на Вардар знае колку е важна македонската химна и таму се чувствува, како што рече, македонштината.
-Тука живееме како браќа и сестри. Само сложно, само јако. Кога е најтешко, ние знаеме да се мобилизираме. И кога е најмачно, сите ќе застанеме како еден, ќе го дадеме својот глас за нашата иднина, за иднината на Македонија. Овој дел на градот секогаш бил и ќе остане со ВМРО-ДПМНЕ, порача Тарчуловски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа