Попоски заедно со Филе на конференција на Ирското претседателство
Министерот за надворешни работи Никола Попоски ќе учествува на Конференцијата “10 години по Солун: оценка на ЕУ перспективата и предизвиците во Западен Балкан“ која се одржува во Даблин на 24 Maј 2013година, во рамките на Ирското Претседателство со ЕУ, информираат од МНР.
Целта на конференцијата, велат од МНР, е да се одбележи десетгодишнината од донесувањето на Солунската Агенда за процесот на проширување на Европската унија со земјите од Балканот, да се оцени постигнатиот напредок, тековните предизвици и перспективите за успешно заокружување на овој процес. Се очекува да бидат дискутирани промените во политиката на проширување на ЕУ генерално и кон Балканот, пост – Лисабонските предизвици - кризата на еврото, економската стабилизација, како и идните чекори во интеграцијата на земјите од Балканот во ЕУ. Министерот Попоски ќе има свое обраќање на сесијата посветена на иднината на проширувањето на Унијата со земјите од Балканот.
Домаќини на конференцијата се ирските министри за надворешни работи и за европски прашања Ејмон Гилмор и Лусинда Крејтон, а најавено е учество и на комесарот Штефан Филе, министрите за надворешни работи на Словачка и Хрватска, Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, и други.
ФОТО: Сител