Шест театарски претстави на отворено во Аеродром

Шест претстави од жанрот комедија на Драмски театар, Македонски народен театар и Театар Комедија од 17 до 22 јуни ќе бидат изведени на отворено на сцена поставена на фудбалското игралиште во близина на Паркот на езерата во општина Аеродром во рамки на проектот „Културно лето 2013“. Претставите се бесплатни за сите жители. 

Театар Комедија ќе настапи со две претстави - „Ах љубов моја“ во режија и текст на Коле Ангеловски и со „Лет над кандидатското гнездо“ по текст на Блаже Миневски во режија на Андреј Цветановски. Драмскиот театар ќе настапи со „Последните Македонци“ во режија на Сашо Миленковски и со „Грев или шприцер“ во режија на Дејан Дамјановски. МНТ ќе настапи со „Свадбата на Фигаро“ во режија на Леван Цуладзе. Ќе биде изведена и претставата за деца „Принцот и жабата“ на Театарот Крик.

Градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски истакна дека проектот го организира општината во соработка со  Министерството за култура, Драмски театар, Македонски народен театар и Театар Комедија.

- Ова е прво Културно лето во општината кое се организира. Се надевам дека ќе им се допадне на граѓаните и од наредната година тоа ќе биде традиционално. Целта е за да го збогатиме културниот живот на граѓаните во општина Аеродром, посочи Коневски.

Директорката на Театарот Комедија, Јелена Жугиќ истакна дека идејата е да се приближи театарот, културата до народот, значи, како што рече, од институциите да излеземе на отворено.

- За почеток се вклучени само три театри. Се надевам дека од догодина ќе пристапиме многу посериозно и граѓаните на Аеродром, Скопје и на другите општини, ќе можат да ги погледнат најдобрите продукции од жанрот комедија. Можеби ова да прерасне во нешто интернационално. Ќе се обидеме што поавтентично да ги претставиме претставите на отворено, истакна Жугиќ.

Градоначалникот, додаде таа, излезе во пресрет да се изградат рампи каде ќе бидат поставени рефлектори, сцена и ќе има гледалиште.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека станува збор за исклучително значаен културен настан кој ќе се реализира во општина Аеродром. Се заблагодари за сите иницијативи кои ги прави градоначалникот во насока, како што рече, на подгнување на свеста за значењето на нашите културни и уметнички вредности.

- Еден од приоритетите на Министерството за култура е токму локалниот културен развој и во таа насока направивме многу и преку проектот „Топол културен бран“. Целта ни е дисперзија на културата и од неа да имаат бенефит сите граѓаните. Се она што го финансираме како држава, како Министерство, треба да биде достапно до секого. Во рамки на „Топол културен бран“ општините имаат можност да конкурираат во Министерството со проекти, претстави кои сакаат граѓаните на таа општина да ги видат. Тој проект кој наназад неколку години се реализира има еден позитивен ефект во насока за достапност и дисперзија на културата до сите, рече Канческа-Милевска.

Таа нагласи дека националните институции се отворени и достапни до сите општини.

 

- Општините сами реализираат некои културни настани. Тука сме за сите граѓани. Овие инцијативи навистина ќе помогнат во збогатувањето на културниот живот во општина Аеродром и во едукацијата на помладата публика, додаде министерката Канческа-Милевска.

 

Претставите во општина Аеродром ќе почнуваат во 20:30 часот, освен детската која почнува во 19 часот.

најчитано сега