Ештон: Потребно е решение за името без одложување

 

Европската перспектива на Македонија е жива и остварлива. За таа цел земјата треба да продолжи со имплементација на Охридскиот договор по дух и слово, како и со континуиран и инклузивен политички дијалог и дијалог со медиумите кои што се од суштинско значење. ЕУ-интеграцијата на земјата почнува од дома, порача Кетрин Ештон висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК на денешната прес-конференција во Скопје.

- ЕУ внимателно ја следи имплементацијата на договорот од 1 март постигнат помеѓу двете политички партии, посебно во однос на формирањето на Анектната комисија и потпишувањето на Меморандум за разбирање, како и продолжувањето на дијалогот со новинарите. Токму затоа ги охрабруваме политичките лидери да ги надминат поделбите и да креираат нов политички дух на соработка. На тој начин вашата земја ќе биде во можност да ги исполни своите стратегиски цели, порача Ештон посочувајќи при тоа на заклучоците кои се потврдени и во пролетниот извештај на ЕК за земјата презентиран денеска во Стразбур од еврокомесарот за прошитување Штефан Филе.

Таа укажа дека во овој контекст, целосно го поддржува Пристапниот дијалог на високо ниво, воден од еврокомесарот Филе.

Првиот евродипломат се осврна и на значењето на добрососедските односи и надминувањето на спорот за името. Таа добрососедските односи ги оцени како суштински и побара да се продолжи дијалогот и да се бараат решенија до постигнување конкретни договори без одлагање.

- Процесот во ОН за решавање на спорот за името добива на сила и ги поттикнуваме двете страни целосно да ги искористат напорите на Нимиц. Потребно е решение без одложување. Знам дека тоа може да биде тешко, меѓутоа не постои друга алтернатива, не постои друг начин да се оди напред, и да се дејствува поскоро е многу подобро отколку подоцна. Тоа е единствениот начин за напредок во однос на вашата евроинтеграција. ЕУ сака вашата земја да успеа. Но, како што знаете, евроинтеграцијата почнува дома, рече Ештон.

Таа за време на посетата на Скопје, прва од стапувањето на функцијата во ЕК, се сретна со претседателот на државата Ѓорге Иванов, со премиерот Никола Груевски, а имаше средби и со лидерите на ДУИ и на СДСМ Али Ахмети и Бранко Црвенковски

(МИА)

најчитано сега