Македонија и Косово потпишаа меморандум за прекугранична хармонизација на фреквенции
Агенцијата за електронски комуникации на Република Македонија и Регулаторното тело за електронски и поштенски комуникации на Република Косово потпишаа спогодба за прекугранична хармонизација на фреквенции.
Со овој меморандум ќе се избегнат проблемите со присутноста на сигнали на ГСМ-УМТС 900 и 1800 фреквенциски подрачја од операторите на мобилна телефонија од косовска територија на територијата на Република Македонија и обратно.
Спогодбата, како што соопштуваат од Агенцијата за електронски комуникации, ја потпиша вчера директорот Роберт Орданоски.
Пред потпишувањето, Спогодбата е презентирана пред операторите кои се согласиле за преземање активности во насока на почитување на принципите за планирање на фреквенциите и нивна координација утврдено според препораките на Меѓународната унија за телекомункации. Координацијата на фреквенциите на граничните подрачја е неопходна за да се обезбеди ефикасно користење на спектарот и еднаков пристап до спектарот во граничните подрачја.