АМС го осуди насилството на натпреварот Тетекс-Шкендија
Агенцијата за млади и спорт денеска преку соопштение најостро го осуди насилното и недолично однесување на навивачките групи и поединци, за време на одржување на Финалето на националниот куп меѓу екипите на „Шкендија„ и „Тетекс“ од Тетово, кое е завршница на најмасовното спортско натпреварување.
- Фудбалските клубови „Шкендија„ и „Тетекс“, нивните спортисти и спортски работници сторија се што е потребно овој натревар да биде празник на фудбалот во Република Македонија, поддржани од локалната самоуправа на Тетово и нејзините први луѓе. За жал и покрај сериозните подготовки и ангажирање на клубовите, локалната самоправа и Федерацијата, сепак Финалето на Купот на Македонија во фудбал беше искористен за манифестирање на политички и националистички пораки, зачинети со насилничко и недолично однесување на поединци и дел од навивачките групи, кои ја поминаа границата на спортско навивање, со што сами се класифицираа во хулигани, кои не ги интересира спортот и спортскиот натпревар, се вели во соопштението.
- Веруваме дека Федерацијата, Фудбалските клубови Шкендија и Тетекс спортистите и спортските работници ќе бидат подготвени со својот однос и пристап, продолжувањето на Финалето на Купот на Македонија да даде победник и освојувач на трофејот. На подобриот тим ќе му обезбеди и право за учество во меѓународниот систем на натпревари во кои учествуваат освојувачите на националните купови, порачуваат од Агенцијата за спорт и млади.