Десетици илјади верници присуствуваа на церемонија на Светиот оган во Ерусалим

Десетици илјади христијански верници присустуваа вчера во Црквата на Светиот гроб во Ерусалим на церемонија на Светиот оган, пред денешниот голем празник Велигден.

 

Верниците сметаат дека оган од небото го пали пламенот во црквата, подигната на местото каде Исус е распнат, погребан и каде што воскреснал. Ерусалимскиот патријарх секоја година на Велика сабота, откако ќе се увери дека нема ќибритчиња ниту запалка, влегува во Христовата гробница клекнува и се моли и тогаш се појавува Светиот оган. Потоа со него запалува два снопа со по 33 свеќи кои ги претставуваат годините на Исус.

Овој древен ритуал потекнува од 4 век и го симболизира воскресението на Исус на Велигденската недела.

Израелската полиција е присутна поради безбедноста за време на церемонијата, а полицискиот портпарол рече дека десетици илјади христијани присуствувале на церемонијата во и околу црквата.

Верниците се туркаа да поминат низ Капијата Дамаск, а сите други приоди кон стариот град биле затворени од безбедносни причини на неколку часа, па верниците стоеле со часови надвор од ѕидините.

Црквата на Христовиот гроб ја делат Грчката православна, Ерменската црква, Египетската коптска, Сириската православна и Етиопската православна деноминација.

 

Церемонијата на Светиот оган е еден од најважните моменти во православниот календар, а на неа присуствуваат верници од целиот свет, како и локални палестински православни верници.

20.04.2014 - 11:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега