Србија се дави во вода- евакуирани 22 лица

Најмалку 22 лица од подрачјето на Прокупље се спасени и евакуирани поради поплавите предизвикани од надојдената река Топлица  изјавија припадниците на Секторот за вонредни состојби при српското МВР.

Спасени се и двајца мажи од покриви на автомобили.

Владо Племиќ, претставникот на Секторот за вонредни состојби во Прокупље изјави дека бранот поплави на подрачјето на Прокупље полека почнува да стагнира и оти се упатил кон правец на Житораѓа, каде е префрлен дел од силите на Секторот за вонредни состојби.

Поради поплавите вонредна состојба е прогласена во Куршумлија, Лучани и Пожега. Најзагрозена точка во Србија во моментот е Заечар, каде исто така е прогласена вонредна состојба.

На подрачјето на Куршумлија водата и натаму надоаѓа, во прекин се телефонските врски, Интернетот, мобилната телефонија, јави Танјуг.

Во овој град загрозено е и снабдувањето со вода за пиење, а се очекува цистерни со вода да пристигнат утрово. Оштетени се повеќе станбени и економски објекти во градот и околните села, а земјоделците ќе претрпат најголема штета.

Многу села се отсечени од градот поради поплави и одрони, а патиштата се пресечени и кон три околни бањи. Многу луѓе се евакуирани.

„Патишта на Србија“ издадоа предупредување на сите учесници во сообраќајот да бидат претпазливи поради одрони особено на патот Голубац-Поречки мост-ХЕЦ Ѓердап.

Синоќа целосен прекин на сообраќајот имаше на државниот пат број 30, делница Ивањица-Ушќе.

20.04.2014 - 10:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега