Европратениците денеска ќе ја кројат судбината на Македонија
Денеска во Европскиот парламент треба да се гласа за резолуцијата на Европската комисија и Европскиот совет за напредокот на Македонија. Европратеницит на дебатата која се одржа вчера, отворено побараа почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
Претседателската на Советот Луцинда Крејтон и комесарот Штефан Филе ги повторија заклучоците од декемврискиот самит и пролетниот извештај на Комисијата, односно дека по политичката криза продолжиле реформите, но оти останува да се спроведе докрај договорот од 1 март и да се најде решение за спорот со името.
Пораката на британскиот европратеник Ричард Ховит е јасна - лидерите во Скопје и Атина треба да покажат храброст и да го решат проблемот со името, а лидерите на ЕУ да не го користат тој предизвик за ново одлагање на почетокот на преговорите.
- Како известувач на Македонија многу сум задоволен за големата поддршка на резолуцијата и покрај сите тешкотии во државата и многу промени што се случија оваа година. Само шест амандмани од вкупно поднесени 750 се поднесени на Резолуцијата што е многу мал број амандмани. Mојата препорака за поддржување на европските аспирации за отворање на преговорите ужива огромна поддршка од европските парламентарци и земји и би сакал вашите граѓани да го почитуваат тоа. Секако. Моја цел е да направам максимален притисок врз Европскиот совет и како што кажав на денешната дебата напредок во решавање на прашањето со името можеби е неопходно и тоа би било шанса за позитивна одлука во јуни, истакнува известувачот Ховит.
Тој и со повик до Европскиот совет оти е подобро да ја одложи својата одлука за Македонија и да ја одржи надежта во живот за датум за преговори.
- Апелирајќи за напредок и во Скопје и во Атина во исто време го повикувам Европскиот совет да разбере дека постојаното одбивање на вашата земја има лош ефект на политиката, јавното мислење, и иако тоа не е моја желба, како што бев претходно принуден да го одложам усвојувањето на резолуцијата поради политичката криза во Скопје денеска велам дека можеби би било подобро, можеби неопходно Европскиот совет да ја одложи својата одлука, да ја одржи надежта во живот и да не ја одбие вашата земја повторно, истакнува Ховит.
Најголемиот број од европратениците за време на повеќечасовната дебата ја поддржаа резолуцијата и нејзината клучна препорака – Европската унија да почне преговори со Македонија без одлагање.
Против беа пратениците од Грција и Бугарија, кои оценија дека за земјата не е единствен проблем името и односите со соседите, туку и внатрешните прилики посочувајќи притоа дека отсуството на политички дијалог, загрозената слобода на говорот и економските проблеми покажуваат оти Македонија не е подготвена за преговори.
Претседавачот со пленарната сесија пред да ја започне дебатата за напредокот на Македонија ја поздрави македонската парламентарна делегација, предводена од Ќенан Хасипи, која во Стразбур учествува на 11-от Мешовит парламентарен комиет ЕУ-Република Македонија.