Ховит: Во ЕП постои голема поддршка за старт на преговорите со Македонија

 

 

Известувачот на ЕП за напредокот на Македонија, Ричард Ховит смета дека Европскиот совет треба да разбере дека постојаното одбивање на Република Македонија да и се додели датум за почеток на преговори има лош ефект врз политиката и јавното мислење во земјата, објавува МИА.
 
Според Ховит, вчерашната дебата покажала дека голем број сериозни предизвици сеуште стојат пред Македонија.
 
- Како што е моето барање и повик за напредок во однос на договорот од први март, прашање коешто е дел од амандманите на моите колеги, кој исто така претставува предизвик и за Владите на ЕУ и на Европскиот совет. Не е многу веројатно дека дебатата ќе донесе одлука за започнување на преговори за членство на Македонија во Унијата во јуни, нешто што јас и многу луѓе во земјата се надеваа дека ќе се случи. Правиме максимални напори преговорите  да почнат во јуни или набргу потоа што е желба на Европскиот парламент, изјави Ховит.
 
Британскиот европратеник од редовите на групата на социјалистите и демократите е задоволен што за денеска се предложени само шест амандмани на неговата резолуција.
 
- Како известувач на Македонија многу сум задоволен за големата поддршка на резолуцијата и покрај сите тешкотии во државата и многуте промени што се случија оваа година. Само шест амандмани се поднесени на резолуцијата, што е многу мал број на амандмани, истакна Ховит. 
 
За него тоа е потврда дека постои огромна поддршка на неговата препорака за поддржување на европските аспирации за отворање на преговорите кај европските парламентарци и земји. - И би сакал  вашите граѓани да го сфатат, да го почитуваат тоа, нагласува Ховит.
 
На прашањето дали се надева дека резолуцијата ќе помогне во јуни да биде донесена одлука од Советот за конечно да почнат преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ, Ховит вели дека негова цел е да направи максимален притисок врз Европскиот совет. 
 
- Моја цел е да направам максимален притисок врз Европскиот совет и како што кажав на денешната дебата - напредок во решавање на прашањето со името можеби е неопходно и тоа би било шанса за позитивна одлука во јуни. Апелирајќи за напредок и во Скопје и во Атина, во исто време го повикувам Европскиот совет да разбере дека постојаното одбивање на вашата земја има лош ефект на политиката и јавното мислење.  Како што претходно бев принуден да го одложам усвојувањето на Резолуцијата поради политичката криза во Скопје, денеска велам дека можеби би било подобро, неопходно Европскиот совет да ја одложи одлуката (за Македонија) и да  ја одржи надежта во живот и да не ја одбие вашата земја повторно, изјави известувачот на Европскиот парламент. 

најчитано сега