Се реконструира дел од манастирскиот комплекс Зрзе

 

Во тек е реконструкцијата на североисточниот бедем на манастирскиот комплекс Зрзе, прилепско. Овој проект е поддржан од Министерството за култура  во рамките на програмата за заштита на културното наследство.

Во овој комплекс, кој во себе содржи напластени културно-историски и духовни содржини од најстарите времиња до денес, беше реализиран проектот за реконструкција на владичиниот конак. Во моментот во завршна фаза е реконструкцијата на монашкиот конак, во кој, според основниот проект, предвидена е работилница за иконопис, копаничарство и други дејности кои се негуваат во монашкото братство.

Од Министерството за култура најавуваат дека до крајот на годината ќе биде реализиран и проектот за изведба на горна порта, како и партерно уредување на целиот комплекс, кој има исклучително значење за македонската културна и духовна историја.

Во манастирскиот комплекс „Зрзе“ веќе беа спроведени големи археолошки истражувања кои резултираа со пронаоѓање на монашка населба од втората половина на 9 век во бигорната карпа и старохристијански комплекс со базилика и гробница на локален маченик од 4, 5 и 6 век. 

18.04.2014 - 12:22
Фото: 
macedonium.org

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега