„СДСМ е пред стечај“
Руска компанија за производство на доматно пире сака да инвестира во индустриската зона во Крушево, најави вечерва премиерот и лидер на ВМРО - ДПМНЕ Никола Груевски.
Барајќи ја довербата од крушевчани, тој им се заблагодари за поддршката на претсетдателскиот кандидат на коалицијата „За подобра Македонија“ Ѓорге Иванов во првиот изборен круг и побара уште поголема доверба на 27 април, за, како што подвлече, да може без уцена да се реализираат сите нови проекти.
- Денеска Крушево го донесе Деталниот урбанистички план и по изборите ќе се продаваат парцелите за да се реализира големата инвестиција што ќе донесе нови работни места. Ќе се отвори туристичка развојна зона во Крушево, довршување на инфраструктурата во викенд населбата Вршник, водоводни и канализациски системи за населените места, нов затворен базен, опремување на скијачкиот центар, уредување на платформата за параглајдери кај Мечкин Камен, рече Груевски на митингот во Крушево.
Според него, во неделата народот покажал дека има разлика меѓу Иванов и кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски.
- Во неделата Македонија и граѓаните јасно покажаа кому му ја даваат довербата. Граѓаните се решија за Ѓорѓе Иванов, човекот кој покажува стабилност, зрелост, посветеност кога се лобира за Македонија, но и кој е секогаш со народот. Иванов победи со 123.000 гласови разлика пред кандидатот на СДСМ кој, вели е задоволен. А како може да биде задоволен од ваков пораз, забележа Груевски.
Тој потсети дека кандидатот на СДСМ, како претседател на ДИК не реагирал на измамите кога ДУИ полнел кутии.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, како што додаде, не ја почитува волјата на народот.
- Зоран Заев вели дека не ги очекувал тие резултати. Претходно многу викаше, а тој што вика го крие стравот. Сега не личи на себе си. Тој ги потцени граѓаните, кои доброволно, самостојно гласаа и ја негира нивната јасно изразената волја, рече Грувески.
Заев, според лидерот на ВМРО - ДПМНЕ, се однесува како грогиран боксер.
- Тој е како грогиран боксер кој претрпел 6-7 нокдауни и сега на 27 април ќе го добие конечниот нокаут од граѓаните. Во паника е. Затоа најавува клевети и монтажи, но ние ќе издржиме уште 10-ина дена. Во ваква ситуација, СДСМ е пред стечај, подвлече Груевски.
За него, ВМРО-ДПМНЕ е партија која кредибилитетот пред граѓаните го стекна со резултати и дела.
- Гаранција е претходно сработеното и затоа излеговме со отчет. Најголемиот дел од проектите се реализирани, а направено е и тоа што не е ветено, истакна Груевски.
Тој потсети на проектите што се направени во досегашниот 7,5 годишен мандат, од кои пет години траеше европската криза.
- И во такви услови создадовме 12.000 вработувања, невработеноста падна на 28 проценти. Сега во наредните четири години ќе отвориме нови 64.000 работни места, невработеноста ќе се намали за уште шест проценти, се намалува ДДВ-то за туристичките услуги, за земјоделците се плаќаат субвенции. Во 7,5 години се исплатени 550 милиони евра, лани извозот на земјоделски производи беше рекордни половина милијарда евра, субвенции за набавка на земјоделски машини, пензиите пораснаа за 64 проценти, со самовработување се вработија 5.800 луѓе, потсети Груевски.
Со новите 2.046 проекти, тој вети дека ќе се обезбеди натамошниот развој на држвата.
- За черири години ќе има вкупно 600 милиони евра за земјоделството, ќе се кофинансираат земјоделците да почнат нов бизнис, постепено ќе се воведуваат нови лекови на позитивната листа, за учениците нови 300.000 таблет компјутери со тастатура, за младите кредити од 7.000 евра со грејс период и еден отсто годишна камата, нова кредитна линија од 100.000 евра, најави Груевски
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа