Иванов: Во првиот круг покажавме дека има разлика, да ја зголемиме на 27 април
Имавме фер, демократски и слободни избори. Граѓаните поддржаа јасен концепт, наспроти непостојаност во ставовите, конфузија и празни зборови, оцени кандидатот на претседател на ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ Ѓорге Иванов.
На вечерашниот митинг во Крушево, барајќи ја повторно довербата од крушевчани, тој им се заблагодари на сите граѓани што излегле да гласаат и на оние што го дадоа својот глас за него.
- Победивме во првиот круг. На ниво на држава, добивме преку 449.000 гласа во првиот круг, што е скоро 123.000 гласа предност пред противкандидатот. Победивме во Крушево и во уште 74 општини во Македонија. Ве повикувам да гласате за претседател и за тим што ги исполнува дадените ветувања, што успева и што победува. Во првиот круг покажавме дека има разлика, да ја зголемиме на 27 април. Да освоиме двојна победа за Крушево, двојна победа за Македонија, нагласи Иванов.
Функцијата претседател, како што рече, е сериозна и одговорна работа и граѓанинот треба да знае точно што прави.
- Нема непостојаност во ставовите, нема конфузија и нема празни зборови. Сум бил, сум и ќе бидам со моите сограѓани. Претседателот не претставува само една институција, тој ја претставува државата и народот. Јас сум вашиот глас. Ве слушам и се борам за тоа што го барате, истакна Иванов.
Тој посочи дека темпото за работа заедно со владиниот тим, предводен од премиерот Никола Груевски ќе продолжи за создавање подобри услови во Македонија.
- Со секоја остварена средба, со секоја донесена инвестиција, со секое ново работно место, со секој изграден пат, училиште, спортска сала, го менуваме животот во Македонија. Го менуваме на подобро за граѓаните, за младите и старите, за вработените и пензионерите, за земјоделците, професорите, студентите, рече Иванов.
Потсети на зголемувањето на платите и пензиите во време на голема светска, економска и европска должничка криза, подвлекувајќи дека ќе продолжат и понатаму да растат.
- Донесовме закони и спроведовме многу реформи. Создадовме услови и донесовме нови странски инвестиции во Македонија. Се создадоа многу нови работни места. И ќе има уште, илјадници нови работни места. За нас ветувањето значи програма, а одржаниот збор значи отчет. Тоа е разликата, додаде претседателскито кандидат на ВМРО - ДПМНЕ.
Тој посочи дека работат на промоција на туризмот во Крушево.
- Крушево е нашата гордост. Како што ја отвораме Македонија, го отвораме и Крушево, за туристи, за нашите млади да ја видат славната историја, но и убавините со кои располага Крушево. Да ја почувствуваат традицијата, крушевското гостопримство и домаќинлак. Крушево и околните населени места, се темелот на нашиот соживот, со кој толку многу се гордееме, кој внимателно го чуваме, истакна Иванов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа