Наскоро тендер за набавка на поливалентни вакцини

Министерството за здравство наскоро ќе распише тендер за набавка на поливалентни вакцини што е во согласност со владината Стратегија за имунизација 2012-2020 година, изјави Јованка Костовска, раководител на секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство.

- Преговараме моментално, се слушаме со производители, бидејќи нашите сознанија се дека резерви на поливалентни вакцини навистина нема во блиско време. Треба навреме да се резервираат, но ние како Министерство од сега ќе распишеме тендер, ќе се обидеме да ги резервираме и штом ги добиеме веднаш ќе почнеме со поливалентните вакцини, рече Костовска пред почетокот на стручниот состанок организиран од Министерството за здравство во соработка со Здравствен дом Скопје, во пресрет на Европската недела на имунизација.

Таа додаде дека според владината Стратегија планирано е во 2015 да се воведат поливалентните вакцини, во 2017 вакцината против стрептококус пнеумонија, а во 2010 вакцината против рота-вирус.

- Тоа е планот и бидејќи ова се скапи вакцини мора да имаме еден ритам, време на воведување. Но, тоа не значи дека ако обезбедиме средства можеме и порано да ги воведеме, рече Јованка Костовска.

16.04.2014 - 18:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега