Ставрески: Ќе продолжиме со поддршката за училишниот спорт

 

Во изминатиот период ВМРО-ДПМНЕ и Владата инвестираа многу во спортот,  преку изградба на спортски објекти, а поддршката и инвестициите во оваа област ќе продолжи, што е особено значајно за младите, оцени денеска вицепремиерот и министер за финансии и носител на ИЕ4 на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Ставрески.

При посета на средното училиште „Димитар Влахов“ во Струмица, Ставрески укажа дека по 60 години од изградбата, училиштето доби спортска сала во која се инвестирани околу 600.000 евра. Во Струмичко, потсети, се изградени уште три спортски сали, во Василево, Иловица и во Куклиш.

-  И во следниот период ќе продолжиме со вакви инвестиции во изградба на училишни спортски сали од кои две ќе бидат во училиштата во Струмица и една во Муртино, но и изградба на тениски терени. Предвидени се четири тениски терени во Струмица, повеќенаменски игралишта, фудбалско игралиште со вештачка трева во склоп на Академијата „Пандев“. Предвидена е и дисперзирана паралелка на Спортската академија со која што ќе овозможиме средните училишта и младите луѓе да спортуваат и да се подготвуваат за учество на националните спортски селекции, изјави Ставрески.

Сите инвестиции во спортот, укажа, се значајни за младите кои се изградуваат како вистински личности, учат да се натпреваруваат, да победуваат, но и да трпат порази, а по поразите повторно да станат и да продолжат понатаму.

- На тој начин ќе продолжиме со поддршка на училишниот спорт, но и општо на спортот во Република Македонија како активност која што засега стотици илјади млади луѓе и на ваков начин им овозможуваме во подобри услови, во подобра инфраструктура да се дружат и да извршуваат спортски активности, истакна Ставрески. 

16.04.2014 - 15:45
Фото: 
Евести

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега