Пријавување на болните и изнемоштените за гласање на 27 април
Во тек е пријавувањето на болните и изнемоштените лица за гласањето на предвремените парламентарни избори на 27 април, додека оние што веќе гласаа на првиот круг од претседателските избори потребно е само да поднесат известување до општинските изборни комисии дека сакаат да го остварат правото на глас и на вториот круг од изборите.
Болните и изнемоштените правото на глас ќе можат да го остварат во своите домови на ден пред вториот круг од изборите за претседател и предвремените парламентарни избори односно на 26 април.
Заменик-претседателот на Општинската изборна комисија на Штип Маре Каранакова, објаснува дека оние што веќе гласале на 12 април за претседателските избори треба да поднесат известување дека повторно сакаат да гласаат, без медицинска документација, бидејќи комисијата веќе ја има. Комплетна медицинска документација, посочува таа, е потребна само за оние болни и изнемоштени лица кои сакаат да гласаат на предвремените парламентарни избори.
За гласањето на неделните претседателски избори во земјата беа прифатени пријавите на 6.980 болни и немоќни лица.
Во Штип на 12 април во домашни услови гласаа 86 лица, а 169 беа одбиени поради некомплетна медцинска докуменатција.
- Рокот за поднесувања на известувања за гласање на претседателските и предвремените парламентарни избори е 20 –ти април односно до недела на полноќ, вели Каранакова.
Оние болни и изнемоштени лица кои беа одбиени заради неуредна документација, ќе имаат право да гласаат во домашни услови доколку истата ја средат и достават, но само за предвремените парламентарни избори. Тие немаат право да гласаат за претседател во домашни услови, но можат да гласаат на избирачките места на 27-ми април.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа