Ристовски: Учењето не е дело туку процес кој се надоградува цел живот!

 

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, денеска им порача на студентите на Филолошкиот факултет никогаш да не се откажуваат од учењето бидејќи тоа не е дело, туку процес кој во текот на целиот живот се надоградува.

- Прво, затоа што благодарение на заложбите на владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука, континуирано се збогатува библиотечниот фонд на факултетот со преведената современа, стручна и научна странска литература на македонски јазик, односно се обезбедуваат учебници од кои се учи на најреномираните светски универзитети, коишто се користат во наставата и наоѓаат практична примена во усовршувањето на кадрите.И второ, затоа што во изминатиот период беа набавени четири современи лаборатории за симулација на конференции и за изведување на мултимедијална настава во вкупна вредност од 20,6 милиони денари, со што се овозможија услови за квалитетно изведување на образовниот и научно-истражувачкиот процес, како и целосна примена на стандардите од Европскиот образовен систем.Овие лаборатории се достапни и за претходните генерации на преведувачи и толкувачи, коишто во периодот додека студирале немале можност да се служат со модерно опремени лаборатории и кабини за толкување, сега да го стекнат тоа искуство и да се оспособат за користење на современите електронски помагала, рече Ристовски.

Филолошкиот факултет веќе организираше Обука за вовед во теоријата и практиката на преведувањето, која во првата фаза успешно ја завршија 50 учесници и таквите обуки ќе продолжат и во иднина.

-Во оваа прилика би сакал да ги споменам и Европските програми за мобилност поддржани од Министерството за образование и наука, кои отвораат можности за стекнување нови искуства и надградба на знаењето како на наставниот кадар, така и на студентите. Овие програми досега на многумина им овозможија учество во бројни национални и меѓународни истражувачки проекти од областа на науката за преводот, дидактиката, лингвистиката и културологијата. Наша грижа и заложба е тие програми и понатаму да бидат што повеќе достапни, но и што повеќе искористени од нашите професори и студенти, рече Ристовски.

Денес 100 студенти добија диплома од Филолошкиот факултет.

16.04.2014 - 14:12
Фото: 
Курир

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега