Иванов го честита Националниот ден на Власите
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до припадниците на Влашката заедница во Република Македонија, по повод 23 мај - Националниот ден на Власите.
- Во годината кога Република Македонија слави 110 години од Илинденското востание, со особена почит се сеќаваме на значајната улога на Власите во борбата за темелните човекови вредности – слободата, правдата и човечкото достоинство. Со голема благодарност се сеќаваме на Питу Гули и Вангел Дину, на Димитар Влахов и војводата Митре Влаот, и на сите Власи кои храбро и пожртвувано придонесоа за втемелувањето на современата македонска држава, вели Иванов во честитката.
Годинава, пишува Иванов, се одбележуваат и 200 години од објавувањето на првата влашка граматика од Михаил Ѓорѓе Бојаџи. Граматика која, како што вели, беше најгласен израз на желбата и стремежот на Власите кон зачувување, развивање и промовирање на сопствениот јазик, култура и идентитет.
- Прашањето за идентитетот на секој поединец е прашање на човечко достоинство, исто како што правото на самоидентификација е во основата на -човековите права. Единствено Власите можат да кажат сами за себе кои се и што се, и никој друг не може да зборува во нивно име. Со својата длабока традиција на мултиетничкиот и мултијазичниот соживот, со демократскиот модел на интеграција без асимилација, Република Македонија ги обезбедува неопходните услови за тоа, во согласност со Препораката 1333 на Парламентарното собрание на Советот на Европа од 1997 година, стои во честитката.
Голем и значаен е историскиот, општествениот и културниот придонес кој Власите континуирано го давале, го даваат и ќе го даваат за нашата заедничка татковина Македонија, пишува Иванов, додавајќи дека негувајќи ги спомените на големите предци, напорите на оваа генерација треба да бидат целосно насочени кон создавање соодветни услови за идните генерации.
-Со такво уверување, на сите припадници на влашката заедница во Република Македонија им го честитам овој светол празник, пишува претседателот.