Волебек задоволен од соработката со Попоски и Владата
Денеска Министерот за надворешни работи, Никола Попоски оствари средба со Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Кнут Волебек кој допатува во проштална посета на Република Македонија.
- На средбата беа разменети мислења за активностите на Република Македонија во сферата на унапредувањето на правата на припадниците на немнозинските заедници, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, како и Стратегијата за интегрирано образование, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Високиот комесар Волебек изразил задоволство од соработката на Владата на Република Македонија и од напредокот постигнат за време нa неговиот мандат.
Министерот Попоски, пак, му се заблагодарил на Волебек за неговиот досегашен ангажман и соработка со македонските власти, додавајќи дека Република Македонија ќе продолжи и понатаму активно да работи на почитувањето на правата на немнозинските заедници во нашата држава.
ФОТО: Vlada.mk