Милошоски: Ќе го развиваме туризмот на Пелистер

Нови проекти за развој на туризмот на Пелистер најави носителот на листата од петтата изборна единица на коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО - ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

- Овие два проекти се многу важни за Пелистер. Прво е ски-центарот Копанки каде Владата на Република Македонија преку ЕЛЕМ има намера да инвестира во создавање, градење на едно вештачко езеро за да може да се произведува вештачки снег кој би ја покривал патеката во должина од 1.250 метри и би го продолжил периодот за скијање во ова место, рече Милошоски.

Додаде дека е важно и планираното реновирање на хотелот „Молика“ каде што, како што истакна, ќе е предвидена изградба на спа-центар, конференциска сала и детско катче со кои ќе се збогати понудата на скијачкиот центар. За ова, потенцира Милошоски, ЕЛЕМ има предвидено средства во висина од 1 милион евра.

- Она што сакам да го кажам за Националниот парк „Пелистер“ важно ни е да понудиме и нова форма на туризам, да изградиме бунгалови, да го понудиме тоа на јавно приватно партнерство, а она што државата ќе го направи со свои средства е патната инфраструктура. Патот од Магарево до хотел „Молика“ да се прошири постојниот коловоз за да можат и во зимски услови и автобусите и поголеми возила полесно да стигнуваат до хотелот, а исто така и патот кракот на релацијата Главен пат – Голема ливада и тој да има проширување со уште една коловозна лента. За ова се предвидени 2.350.000 евра, рече Милошоски.

Смета дека Пелистер со овие два проекти ќе добие многу поголем потенцијал за убавините и туристичката понуда што ја нуди на сите граѓани на Република Македонија, но и на оние коишто од странство сакаат да ги запознаат убавините на земјава.

15.04.2014 - 14:44
Фото: 
А1.он

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа