Софтверска апликација ќе го олесни изборот за понатамошно школување на полуматурантите
Опсерваторија на вештини планира да основа Владата на Република Македонија предводена од ВМРО–ДПМНЕ, најави денеска на прес-конференција Спиро Ристовски.
Презентирајќи го новиот сет мерки и проекти од вкупно планираните 47 во областа на образованието, Ристовски објасни дека станува збор за мултифункционално и мултинаменско тело за кое ќе бидат одвоени 25 милиони денари и чија примарна цел е анализа на адекватноста на вештините со кои располагаат средношколците во корелација со потребите на пазарот на труд.
- Опсерваторијата ќе помогне во континуираното подобрување на наставните програми и нивната усогласеност со барањата на компаниите. Ќе биде во функција и на полуматурантите, преку софтверска апликација ќе помага во нивното правилно насочување и избор, нудејќи информации од типот – дефицитарност на одредени струки и профили, изгледи за вработување по завршување на училиштето, просечно време на чекање работа, просечна плата по занимања, региони и сектори, истакна Ристовски.
Со формирањето на Опсерваторијата, додаде, студентите ќе добијат платформа преку која ќе можат да аплицираат за реализација на практична настава, односно практична работа, додека, пак, компаниите ќе можат да ги бираат практикантите со профил кој одговара на нивните потреби, оспособувајќи ги за работа и вклучување во сопствената организациска структура и работни процеси.
Во делот на високото образование, Ристовски најави нешто што, рече, досега не постоеше - воведување државна квота во втор и трет циклус студии на универзитетите во Република Македонија, на годишно ниво утврдување квоти на студенти кои ќе бидат ослободени од плаќање уписнина за специјализации, докторски и магистерски студии.
Ќе продолжи и поддршката за научно-истражувачките работници преку обезбедување бесплатен пристап до најмалку две бази на современа научна литература и списанија со импакт фактор. И натаму ќе се доделуваат научни субвенции за објава на научни трудови во списанија со импакт фактор, како и творечки субвенции за промоција на нивното творештво на меѓународно ниво.
- Преку порталот наука.мк ќе се овозможи промоција на достигнувањата и поврзување на нивниот труд со пошироката јавност како основа за нови научно-истражувачки проекти, потенцира Ристовски.
Тој најави и дека проектот за набавка на интерактивни табли и 300.000 таблет компјутери за учениците од основните и средните училишта, ќе биде надополнет со воведување дигитални содржини во наставата по определени предмети со кои ќе се овозможи визуелна претстава за одредена наставна материја. - Се работи за практика од земјите со најразвиени образовни системи која докажано го дава очекуваниот позитивен ефект. Видео материјалите ќе бидат изработувани од светски познати продукции и одобрувани од Бирото за развој на образованието, рече Спировски.
Според него, родителите на учениците во основните и средните училишта и натаму ќе можат да ги користат придобивките од проектот „Информиран родител“, ќе имаат можност за брз и едноставен увид во информациите од дневникот во пишана форма, преку електронскиот дневник и СМС услугата со која на неделна основа добиваат пораки на мобилните телефони, што пак значи редовно следење на образовниот процес на своите деца и можност за навремена интервенција, поддршка или помош во одредени ситуации.
Исто така, ќе продолжи и спроведувањето на родителската школа, односно советувањето на родителите чии деца нередовно посетуваат настава, имаат слаб успех во учењето и манифестираат разни форми на несоодветно однесување, вклучувајќи и советување на самите ученици, со цел зајакнување на воспитната компонента на образовниот процес, преку директно вклучување на родителите. За реализацијата на овој проект, во следните 2 години дополнително ќе бидат ангажирани 224 психолози и педагози за што ќе бидат вложени повеќе од 80 милиони денари.
- Грижата кон наставниот кадар за професионален и кариерен развој ќе се обезбеди преку нова форма на поддршка, стипендирање магистерските студии на оние кои ќе се запишат на еден од 200-те најреномирани светски универзитети од областа на образованието, со тоа што за време на специјализацијата, работниот однос ќе им биде во мирување, а по враќањето ќе имаат обврска да работат во образовниот систем во Македонија уште најмалку пет години, рече Спировски.
Во оваа насока е предвидено и основање Фонд за меѓународна соработка на училиштата кој ќе располага со буџет од 15 милиони денари и кој ќе ја зголеми мобилноста на наставниот кадар заради стекнување нови искуства преку кратки едукативни и практични престои на наставници од нашата земја во училиштата во земјите од ЕУ.
- Секој граѓанин може да се пронајде во најмалку еден од понудените проекти кој ќе му овозможи одредена поволност, односно поддршка и помош во остварувањето на конкретна цел. Многу од овие можности во минатото воопшто не беа достапни. Убеден сум дека на 27 април разликата ќе биде препознаена и во следните четири години заедно ќе продолжиме на вистинскиот пат кон градењето на Република Македонија како земја на знаење, порача Спиро Ристовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа