МОСТ: Изборите за претседател беа фер и демократски

 

Граѓанската асоцијација МОСТ го започна набљудувањетона изборниот процес од денот на распишувањето на изборите за претседател на Република Македонија, 1февруари2014 г. Со започнувањето на изборната кампања се активираа и 18-терегионални канцеларии кои ја покриваацелата територија на Република Македонија. Изборниот ден од првиот круг од изборитеза претседател на РММОСТ го следеше со 580набљудувачи, притоа покривајќи над 15% од вкупниот број на избирачки места. За набљудување на процесот на гласање на болните и немоќни лица и лицата во домашен притвор на 12 априлбеа ангажирани55 набљудувачи, а за гласањето на избирачите во казнено-поправните установи –13 набљудувачи. Исто така, предмет на набљудување беше и работата на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии.

 Набљудувачите на МОСТ беа статични и го следеа процесот на гласање во текот на целиот изборен ден. Покрај статичните набљудувачи на гласачките места, Граѓанската асоцијација МОСТ распореди и 84 мобилни тимови составени од 2 набљудувачи, кои служеа како логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ги набљудуваа оние места на кои МОСТ немаше распоредено статични набљудувачи.

 Според извештаите и информациите добиени од набљудувачите и од 29-терегионални координатори, прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека гласањето на 13-ти април помина во мирна атмосфера со изолирани тензични ситуации и релативно висока излезност на граѓаните, имајќи го предвид фактот дека една политичка партија водеше кампања за бојкот на претседателските избори.Сепак, фактот што видливото мастило лесно се отстрануваше беше причина за поголем број издржани реакции од страна на јавноста и гласачите. Ваквата појава несомнено имаше влијание врз довербата на гласачите во изборниот процес.

 И на овие избори беше присутна практиката избирачките одбори на глас да ги читаат имињата на гласачите, и покрај тоа што на обуките за изборната администрација беше нагласено дека ваквата практика е неприфатлива. Иако ова не претставува прекршување на законот, сепак оваа практика е форма на индиректен притисок врз гласачите.

 Пред објектите на одреден број од гласачките места беа забележани лица кои ги евидентираа граѓаните кои гласаа. Ова исто така претставува еден вид на притисок врз гласачите.

 Врз основа на извештаите од нашите набљудувачи може да се констатира дека е подобрено спроведувањето на процедурата на отворање, гласање и броење на гласовите на избирачките места, со намален број на случаи на групно или семејно гласање. Дополнително, 1.268 лица не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список.

Во однос на предвременото гласање спроведено пред денот на изборите, оваа година според информациите кои набљудувачите на МОСТ ги добија од ОИК бројот на лица кои се пријавиле за овој вид гласање изнесува 7.386, што претставува намалување во однос на претходните изборни процеси. Сепак, имајќи го во предвид упатството на ДИК

[1]

за овој вид гласање, оваа бројка се уште е нереално висока. Државната изборна комисија имаше свој удел во намалувањето на оваа бројка со тоа што од дел од општинските изборни комисии ја побара на увид документацијата за пријавените лица и дополнително им наложи дека стриктно треба да се придржуваат до Упатството издадено од ДИК за овој вид гласање. Останува да се надеваме дека оваа бројка нема драстично да се зголеми за парламентарните избори.Што се однесува до текот на овој вид гласање, генералната забелешка е дека во поголемиот дел од случаите не била почитувана тајноста на гласањето и ИО не ја познавале доволно процедурата за спроведување на ова гласање.

 Повторно бевме сведоци на предвремено започнување на кампањата од страна на кандидатите.До Државната изборна комисија беше поднесен приговор од страна на СДСМ за предвремен почеток на кампањата од страна на кандидатот за претседател Ѓорге Иванов. Државната изборна комисија го прифати овој приговор и поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до Основниот суд во Скопје. Иако не постојат рокови за одлучување, останува да се види кога Основниот суд ќе постапи по ова барање.

 Изборната кампања за првиот круг, за разлика од минатите години, беше помирна. Кампањата се карактеризираше со зголемен интензитет на непосредни средби со граѓаните и кампања од врата до врата од страна на активистите на политичките партии. ДУИ реши да не учествува на претседателските избори, па поради тоа немаше свој кандидат, при што водеше кампања за бојкотирање на овие избори. Беше забележан намален интензитет на случаи на водење на негативна кампања и користење на службени возила, но од друга страна малолетниците беа злоупотребувани во кампањите на сите политички субјекти. Во текот на кампањата за претседателските избори беше забележана реторика која беше соодветна за парламентарните избори. Имено, дел од кандидатите за претседател ветуваа дека ќе работат на подобрување на економијата, намалување на невработеноста, изградба на инфраструктурни објекти, иако ниту една од овие мерки не е дел од надлежностите и овластувањата на претседателот на Република Македонија.

 Работната група која работеше на проверка на Избирачкиот список продолжи со работа и по локалните избори минатата година, но заклучоците од нејзината работа ќе се разгледуваат по овие избори. Со тоа Избирачкиот список повторно беше предмет на расправа и меѓусебни обвинувања помеѓу политичките партии. Во текот на изборниот процес за избор на претседател ДУИ и СДСМ ја искористија новата одредба во Изборниот законик и поднесоа барања за бришење на 453, односно 14.492 лица од Избирачкиот список.Пред да одлучи по овие барања ДИК побара информација од МВР дали овие лица имаат право да бидат запишани во Избирачкиот список, на што МВР одговори дека податоците за состојбата на Избирачкиот список ги доставило следниот ден по распишувањето на изборите, согласно Изборниот законик. Сепак, овој одговор не придонесе кон намалување на сомнежите во врска со ажурираноста на Избирачкиот список. По ова, барањата на овие две партии беа отфрлени од страна на Државната изборна комисија.Очигледен е недостатокот на политичка волја кај партиитеи дел од надлежните институции ова прашање да се реши во периодот помеѓу два изборни процеси.

 Изборниот законик повторно беше променет во јануари оваа година и веќе станa вообичаена практика тој да се изменува непосредно пред изборите, иако ваквата практика не се препорачува според меѓународните стандарди. Со распишувањето на предвремените парламентарни избори на 6-ти март, за првпат се создаде ситуација во која имавме два паралелни изборни процеси, но кои имаат различни рокови за спроведување на изборните дејствија. Со оглед на тоа што Собранието се распушти без да донесе дополнителна измена на Изборниот законик со која ќе беа расчистени сите нејаснотии во однос на спроведувањето на двата изборни процеси, остана на Државната изборна комисија да го усогласи одвивањето на овие 2 процеси.Ова предизвика ДИК да носи одлуки кои директно влијаат врз законитоста на процесот, особено земајќи го предвид почетокот на кампањата за парламентарните избори.

 За разлика од досегашните изборни процеси, забележана е намалена транспарентност на работата на Државната изборна комисија со оглед на тоа што 14 од вкупно 38 седницибеа одржани без присуство на медиумите и овластените набљудувачи.

 Начинот на кој се избираат членовите на ДИК и на овие избори влијаеше врз нејзината работа. Имено, во текот на дискусиите, членовите на ДИК наместо да се држат до предметот на расправа, повторно држеа политички говори. Во текот на дискусиите по приговорите, членовите на ДИК навлегуваа во намерите на подносителите на приговорите, наместо да дискутираат само за приговорите и евентуалните доставени докази.

 На овие избори составот на избирачките одбори повторно претрпеизмена со оглед на новите одредби во Изборниот законик, со кои се предвидува дека претседателот на ИО и неговиот заменик треба да имаат високо образование, а членовите и нивните заменици - средно образование. Според Изборниот законик, членовите на ИО од редот на вработените во администрацијата се избираат по случаен избор, за време од 4 години. МОСТ го набљудуваше процесот на формирање на ИО при што кај 29 ОИК е констатирано нецелосно спроведување на принципот на случаен избор, односно при изборот на членовите на ИО се земаа предвид и други критериуми, како на пример: личното познанство со членовите на ОИК, роднинските врски помеѓу членовите на ИО итн., иако овие критериуми не се наведени во Изборниот законик.

 Во однос на законските  рокови за спроведување на изборните дејствија, тие генерално беа почитувани од страна на изборната администрација.

 Врз основа на податоците добиени од ПВТ програмата за паралелно пребројување на гласовите одѕивот на гласачките места бил 49,64%. Процентот на неважечки ливчиња е 2,78%. Од важечките ливчиња,гласовите за претседателските кандидати се распределени на следниот начин:

 1. Ѓорге Иванов – 53,14%

2. Илјаз Халими – 4,5%

3. Стево Пендаровски – 38,78%

4. Зоран Поповски – 3,58%

 Добиените податоци се со 95% сигурност и со маргина на грешка од +/-1%.

 МОСТ изразува голема благодарност до сите граѓани кои несебично ги помогнаа напорите на домашно, непартиско набљудување на изборите и кои беа дел од големото семејство на МОСТ, како и до сите поддржувачи кои ја помогнаа мисијата на Граѓанската асоцијација МОСТ.

 

   

Проектот “Домашно набљудување на претседателските и предвремените парламентарни избори 2014” се спроведува од страна на Граѓанската асоцијација МОСТ и е поддржан одАмбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Швајцарската агенција за развој и соработка и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград.

 

 
14.04.2014 - 14:23

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега