Јанкулоска: Вчера ги имавме најмирните избори во историјата на Македонија!

 

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска информираше дека полицијата утрово приведе две лица во Струмица на 30 и на 52 годишна возраст поради повреда на слободата на определување на гласачи и против нив ќе следи соодветна пријава. Како што информира министерката, тие вршеле притисок врз Ромите во ромското маало во Струмица во однос на нивното определување.

- Вчера ги имавме од безбедносен аспект најмирните избори и од аспект на интервенции на полицијата најмал број на случаи во историјата досега, кога полицијата воопшто требаше да излезе на терен да реагира, а уште помалку да интервенира, констатира Јанкулоска и упатува благодарност до граѓаните на Република Македонија кои со своето однесување придонесоа за мирен изборен ден.

Според неа, тоа покажува една зрелост на општеството во Република Македонија, високо ниво на совесност на граѓаните, на гласачите пред се, кои одлучуваа врз основа на понудените програми и конкретни решенија, а не врз основа на насилство како што било случај во некои минати избори.

Во врска со случајот на Амди Бајрам и неговиот син-градоначалникот на Шуто Оризари и Радмила Шекеринска, таа истакна дека МВР ги проверила информациите од двете посочени страни, по што се покажало дека нивните тврдења биле спротивни.

- Констатирано е дека нема прекин на гласањето и нарушување на изборниот процес, ниту нарушување на јавниот ред и мир. Меѓусебните обвинувања од страните можат да ги докажуваат во постапка, но за нас е важно дека изборниот процес се одвиваше мирно, во фер и демократска атмосфера, рече министерката за внатрешни работи.

Настанот во Радишани што се случи вчера, според информациите од МВР, е сообраќајна несреќа која подоцна ескалирала во физичка пресметка,  но не е поврзана со изборите.

 

14.04.2014 - 11:34
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега