Владата ќе вработи 1.600 социјално загрозени лица
Стартуваше реализацијата на владиниот проект за вработување лица од социјално ранливи категории во јавниот сектор. Денеска е објавен огласот за вработување 1.600 лица во Јавното претпријатие „Македонски шуми“, на кој сите кои припаѓаат во овие категории имаат еднакви можности и шанси за вработување.
Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција информираше дека огласот трае до 22 јуни годинава и дека на него може да се јават сите лица кои ги исполнуваат условите, односно долгорочно невработени лица со над 10 години, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства, невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен.
- Владата има изразена политичка волја дека на овој оглас сите лица кои ги исполнуваат критериумите се добродојдени, сите имаат еднакви шанси и можности. Нема да постои дистинкција по ниту еден основ, а секој обид за лобирање и протекционизам ќе се смета за негативно, рече Ѓорѓиев.
Тој додаде дека нивната желба за вработување и интенција ќе се реализира така што тие треба да аплицираат и тоа не само за местата што постојат во систематизацијата на Македонски шуми, туку и врз основа на своите перформанси и за вработување во оснанатите државни институции. Најпрвин, објасни Ѓорѓиев, сите лица ќе бидат вработени во Јавното претпријатие, а потоа врз основа на искажани потреби од други државни институции лицата ќе бидат повлекувани во нив.
Ѓорѓиев информираше дека досега имаат добиено податоци од институциите за потреба од ангажирање дактилографи, стенографи, чувари, обезбедувачи на објекти, курири, доставувачи на пратки, советнички, соработнички места и слично.
Сите лица, појасни Ѓорѓиев, може да аплицираат и во соодветна процедура ќе бидат повлекувани во други институции. Процедурата за аплицирање е многу едноставна и со многу мали трошоци.
Во претпријатието постои програма и систематизација за прием на овие лица, а обезбедени се и средства за покривање на нивните потреби