Иванов во убедливо водство пред останатите кандидати - еве што велат првичните податоци
Според податоците од аналитичкиот центар на ВМРО-ДПМНЕ, од досега пребројаните 100.500 гласови, 54.970 му припаѓаат на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, 33.900 на кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, 2.800 гласале за кандидатот на ГРОМ, Зоран Поповски и 7.800 за Илјаз Халими.
Во ИЗ 7,8, и 9 Иванов има огромно водство со освоени 1.668 гласови пред Стево Пендаровски кој има освоено 187 гласови и Зоран Поповски со 7 освоени гласови.
Денеска македонските граѓани по петти пат избираа претседател на државата.Право на глас имаа 1.779.572 лица запишани во Единствениот избирачки список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од четворицата кандидати: Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Илијаз Халими од ДПА, Стево Пендаровски од СДСМ и коалицијата и за Зоран Поповски од коалицијата ГРОМ.
Според последните податоци што ги објави ДИК, одѕивот до 17:40 часот бил 41,23 отсто.
За претседател ќе биде избран кандидатот кој на првиот круг од изборите ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани гласачи. Ако никој не го добие потребното мнозинство, по 14 дена, на 27 април, ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.
Првпат на претседателски избори право на глас имаа и македонските државјани во странство, кои гласаа вчера на 34 избирачки места во изборните единици 7 (Европа и Африка), 8 (Северна и Јужна Америка) и 9 (Австралија и Азија). Пријавени за гласање беа 8.332 македонски државјани кои работат и живеат во странство. Вчера гласаа и затворениците, лицата во домашен притвор, внатрешно раселените лица, војниците, како и 6.980 болни и немоќни лица.
Претседателските избори ги следеа 9.155 домашни и 489 странски набљудувачи. За изборите известуваат и триесетина странски новинари.
Досега се одржани четири избори за претседател на Република Македонија, во 1994, 1999, 2004 и 2009 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа