МВР: Изборите течат во фер и демократска атмосфера

 

Избирачкиот ден досега се одвива во мирна, фер и демократска атмосфера, информира денеска Министерството за внатрешни работи.

Како што истакна портпаролот на МВР, Иво Котески, во регионалните штабови на МВР и во полициските станици нема пријавено никакви посериозни инциденти кои би го нарушиле гласачкиот процес.

Во текот на вчерашниот ден за време на молкот биле пријавени неколку нарушувања од различен карактер.

- Вчера околу 18 часот во полициската станица Центар, граѓанин од Скопје пријави дека во 16:36 часот на неговиот мобилен телефон добил СМС порака напишана на албански јазик со следнава содржина: „Недела 13.04.2014 година ти и твојата фамилија кажете НЕ на претседателските избори. Не излегувајте на избирачките места, не излегувај нема за кого да гласаш“, рече Котески.

Вчера биле пријавени неколку оштетувања на штабови на политички партии со минимална материјална штета. Полицијата работи на целосно расветлување на случаите.

- Во времето од 10 до 14 часот зад северната трибина на арената „Филип Втори Македонски“, од страна на една коалиција која учествува на предвремените избори се снимал видео материјал, односно спот, при што учествувале околу 100 граѓани. Во текот на снимањето, во неколку наврати, на коловозот и тротоарот под северната трибина, нарушен бил нормалниот тек на сообраќајот, истакна Котески.

Министерството вчера регистрирало и нарушување на предизборниот молк во Кратово од страна на еден од носителите на кандидатските листи за парламентарните избори и неговата сопруга. Во неколку угостителски објекти и на неколку паркирани моторни возила на плоштадот „Павел Шатев“ оставиле пропаганден материјал. Полицијата обавила разговор со прекршителите на молкот и против нив ќе биде поднесена соодветна пријава. Истиот кандидат, подоцна во времето од 18 до 20,30 часот и во Свети Николе, го нарушил предизборниот молк со цел да ја рекламира политичката партија која го номинирала како носител на изборна единица. Полицијата тогаш го привела и со него бил обавен разговор. Со потврда за привремено одземени предмети, од него се одземени 9.370 флаери, така што и за овој случај против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во текот на денешниот ден, регистрирано е нарушување на јавниот ред и мир на подрачје на СВР Струмица во селото Смоларе во 7:30 часот, на избирачко место 1782, каде кратко било прекинато гласањето поради нападнат член на избирачкиот одбор. Гласањето продолжило во 7 часот и 40 минути. МВР извршило увид и случајот е расчистен. Полицијата најавува соодветни пријави против две лица.

13.04.2014 - 15:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега