Лавров остро го осуди односот на Азербејџан кон руската песна на Евровизија
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров остро го осуди односот на Азербејџан кон песната на Русија на овогодишниот Евросонг, што во саботата се одржа во Малме.
Недавањето ниту еден поен за руската песна и за настапот на Дина Гарипова во финалната вечер од страна на азербејџанското жири и од гласовите на гледачите, Лавров го нарече „скандалозен и срамен“ чин.
- На руската пејачка Гарипова и беа украдени гласовите, но оваа срамна постапка (на Азербејџан) нема да остане без одговор, изјави во Москва министерот Лавров.
Азербејџанскиот претседател вчера нареди итна истрага за целиот случај со „исчезнатите гласови“ за Русија и нареди пребројување на сите гласови за да се утврди како можело да се случи руската претставничка на евровизискиот натпревар да не добие ниту еден поен од Азербејџан.
Претставник на азербејџанската државна телевизија, објасни дека пребројувањето на сите гласови добиени преку мобилен телефон, преку сите три азербејџански оператори, покажува дека најмногу гласови имало за песната на Украина, додека Русија била втора, што значи дека од Азербејџан Гарипова требало да добие десет поени. Овој претставник, меѓутоа, призна дека засега нема никакви сознанија што навистина се случило во саботата вечерта, во време на гласањето и преборјувањето на гласовите.
Во гласањето, Русија и додели 12 поени на азербејџанската песна, а според сознанијата од Баку, тамошното национално жири требало да и даде десет гласови на руската песна, која во крајното класирање заврши на петото место. Претставникот на Азербејџан беше втор, зад победничката песна од Данска.
Азербејџанскиот министер за надворешни работи Елмар Мамадијаров, кој се наоѓа во посета на Москва, изјави дека целиот случај наликува на „детективска приказна“.
Шефот на руската дипломатијата Лавров најави дека двете земји заеднички ќе истражуваат како се загубиле гласовите предвидени за Русија, „се додека не биде откриена вистина за тоа што се случило“.
Европската радиодифузна унија (ЕБУ) која е организатор на Изборот за песна на Евровизија соопшти дека телефонското гласање не е одлучувачко за гласовите што една земја ги доделува, туку дека 50 отсто од поените се определуваат од националното жири во секоја земја.