Македонија избира претседател
Република Македонија денеска избира претседател. На 3.480 избирачки места во земјата право на глас имаат 1.779.572 избирачи. Гласачките места се отворени од 7:00, а ќе бидат затворени во 19:00 часот. Граѓаните ќе можат да избираат меѓу четворица кандидати.
За претседател ќе биде избран кандидатот кој на првиот круг од изборите односно денеска ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани гласачи. Ако никој не го добие потребното мнозинство, на 27 април ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Ќе победи тој кандидат кој ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.
На годинешните, петти претседателски избори, за прв патр право на глас имаат и македонските државјани во странство, кои вчера гласаа на 34 избирачки места во изборните единици 7 - Европа и Африка, 8 - Северна и Јужна Америка и 9 -Австралија и Азија. Пријавени за гласање беа 8.332 македонски државјани кои работат и живеат во странство. Вчера своето право на глас го искористија и затворениците, лицата во домашенпритвор, внатрешно раселените лица, војниците, како и 6.980 болни и немоќни лица.
Претседателските избори ќе ги следат 9.155 домашни и 489 странски набљудувачи, како и 222 преведувачи. За следењена изборите се акредитирани триесетина странски новинари.
Доколку денеска Македонија не го добие својот нов претседател, ќе се одржи втор круг на 27. април, за кога се закажани и предвремените парламентарни избори. Поради одржувањето на претседателските избори, кампањата за парламентарните избори денеска и утре е прекината.
Досега се одржани четири избори за претседател на Република Македонија, во 1994, 1999, 2004 и 2009 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа