Ќе стане ли Царкњас владика на Македонците во Грција?

 

Ахримандритот од Соботско, во Грција, Егејска Македонија, Никодим Царкњас и Игор Александров, претседателот на Здружението на македонските заедници во Австралија денеска во Битола имале средба. Целта на разговорите била можна хиротонија за владика на Архимендритот Царњас, со што тој би добил ингеренции  да го води црковниот живот на Македонците во Грција.

 

- Средбата е за формирање на самоуправна МПЦ во Грција, на чело со архимандритот Царкњас. За таа иницијатива архимандритот има целосна поддршка од здружението на македонските заедници од Австалија. Во таа насока, покрај економска помош ќе се обидеме да го хиротонисаат владици кои имаат апостолско приемство и кои немаат негаторски однос кон македонската нација, вели Александров.

 

Во процедурата за евентуалната хиротонија на Царкњас не е вклучена МПЦ. Иако таква идеја за создавање епархија на МПЦ на чело со Царкњас од подамна постоеше кај дел од македонските владици, сепак општиот заклучок на МПЦ беше дека такво нешто само дополнително ќе ги продлабочи и така лошите релации на МПЦ со Грчката црква.

 

Александров вели дека, сепак, мора да се најде начин како да им се овозможи на Македонците во Грција да имата право на свој црковен живот.

- Македонците од Егејскиот дел имаат потреба да ја практикуваат верата во вистинска црква, која нема да биде злоупотребувана за политички репресии врз тамошните Македонци. Наша желба е Синодот на МПЦ да биде тој што ќе го хиротониса отец Царкњас, но очигледно е дека не постои подготвеност за тоа. Затоа активно работиме и контактираме со задгранични православни цркви кои можат тоа да го направат-додава Александров.

Името на отец Царкњас почна да се спомнува во јавноста откако претставниците на 12 црковни општини и противници на надлежниот владика Петар го предложија како алтернатива и решение за долгогодишниот црковен проблем во австралиско-новозеландската епархија.

 

Тогаш, имаше иницијатива отец Никодим да застане на чело на самоуправна задргранична Македонска православна црква. Таквите напори беа ставени во мирyвање кога Синодот одлучи 14-те од вкупно 15 цркви што му откажаа послушност на владиката Петар, да ги стави под раководство на владиката Тимотеј.

 

Инаку, ставот на Здружението на македонските заедници во Австралија останува на тоа дека не постојат некакви изгледи на подобрување на односите со ГПЦ, токму заради негаторскиот однос кон македонскиот идентитет.

 

-Се додека ГПЦ не го признава постоењето на етничките Македонци во Грција, потребно е во да дејствува посебна православна црква, која ке се развива и заштитува според можностите што ги нудат законите на ЕУ за заштита на човековите и малцинските права и слободи, додаваат од Здружението на македонските заедници во Австралија.

Инаку, евентуалната хиротонија на Царкњас за Владика на Македонците во Грција би можела повторно да ја реафирмира идејата за создавање на задгранична МПЦ во Австралија од оние црковни општини чија недоверба во Синодот почнува повторно да ескалира заради новите тужби од владиката Петар против МПЦ „Света Петка“ во Сиднеј.

Поддржувачите на оваа идеја потенцираат дека Владиката Петар и понатаму држи под своја лична сопственост пет македонски храма во Австралија од кои црпи пари за судски постапки со цел да приграби и други цркви.

Како што велат изворите, постои можност отец Никодим наскоро да ја посети Австралија, со цел да се остварат контакти со задграничните православни цркви што не го прифакаат негаторскиот однос кон македонската национална самостојност.

Александров вели дека моментално е целосно посветен на преговорите со Владиката Тимотеј, за решавање на проблемите под негова надлежност.

- Во моментот не чувствуваме потреба да размислуваме за друг владика за Австралија-потенцира Александров.

Инаку, отец Царкњас е познат по тоа што уште пред 20 години Грчката црква го расчинила поради неговите патриотски заложби за Македонците во егејскиот дел. Потпишал декларација во која се бори за правата на Македонците, но тоа грчката влада не го прифатила. Архимандрит станал во Грчката црква. Му било понудено да оди во Лариса или на Пелопонез, само да не служи во Егејска Македонија.

Пред десетина години ја почнал изградбата на црквата „Света Злата Мегленска“, која сѐ уште не е довршена. Очекува до крајот на следната година да ја доврши. Во тоа многу му помагаат Македонците, кои се иселеници во Австралија, чии предци потекнуваат токму од егејскиот дел.

Од МПЦ досега неколку пати потврдија дека отец Царкњас е признаен како клирик во Македонската црква, но никогаш не се изјасниле околу неговата хиротонија за владика

12.04.2014 - 16:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега