Пекар од Македонија ја згрози Италија: Ја убил сопругата со сукало и го снимил масакрот

Пекар од Македонија e осуден на 16 години затвор, откако лани во февруари, со сукало ја претепал до смрт својата сопруга/

Убиството, како што пишува Дневник, се случило во италијанскиот град Риети. Тамошниот суд, пред два дена одлучил Љазим Шабани (42) да биде осуден за убиство на Шедине Мамедани (37).

Шабани ја убил својата сопруга поради сомнежи дека го изневерувала.

На висината на казната влијаело судското вештачење кое покажало дека Шабани бил делумно пресметлив во моментот кога ја убил сопругата. Неговата одбрана пак, тврди дека тој воопшто не бил свесен за тоа што го прави.

Ова убиство го привлече вниманието на италијанската јавност, бидејќи Шабани на мобилниот телефон го снимил последниот час од животот на својата сопруга, од која, додека ја удирал, се обидувал да изнуди признание дека го изневерува. Kога полицијата дошла да го уапси, Шабани викал дека сопругата му е проститутка и до крајот на постапката тврдел дека таа го изневерувала со негов колега од пекарницата. 

За време на судењето, пак, се докажало дека колегата на Шабани, кого тој го посочил како љубовник на сопругата, во времето кога убиецот сметал дека тој е со Шедине, сепак, бил на работа во пекарницата. Шабани, пак, тврдел дека доказ оти таа го изневерува е што преку вратата од изнајмениот стан во кој живееле не била црната лента која ја ставал кога ноќе одел на работа, за да знае дека Шедине излегувала кога тој не бил дома. 

Вештачењето на аудиоснимката од мобилниот телефон, покажало дека жената не признала за неверството, иако на снимките едвај се слушал нејзиниот глас, поради тепањето. Според истрагата, Шабани ја удрил својата сопруга најмалку седум пати со сукало во главата,и успеал да и го скрши черепот и лицето до непрепознавање. Убиецот потоа ја одвлечкал жената во бањата и и ја измил крвта од главата. Тој и таму и ја удрил главата од кадата и потоа ја вратил во дневната соба каде ја пресоблекол во чиста облека. Потоа, пекарот му се јавил насвој роднина, кој ја известил полиција.

Медиумите пренесуваат дека Шедине дошла во Италија со својата мајка и братот, но, тие живееле во градот Гросето. Таа и Шабани биле цивилно венчани во Македонија, но, бракот не бил признат во Италија.

12.04.2014 - 10:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега