Ебот: Уверени сме дека ја пронајдовме црната кутија од исчезнатиот боинг
Австралиските власти се речиси убедени дека сигналите во Индискиот Океан доаѓаат од црната кутија на исчезнатиот малезиски авион. Сега тимовите што се во потрага по авионот се соочуваат со нов проблем, бидејќи сигналот од кутијата почнува да ослабува. Тие се надеваат дека ќе соберат што е можно повеќе информации пред тој целосно да исчезне. Според сателитските податоци, официјалните власти сметаат дека авионот се урнал во јужниот дел на океанот.
Тој истакна дека тимовите трагаат по „Боингот 777“, кој на 8 март исчезна од цивилниот радар со 239 патници и членови на екипажот, на прецизна локација врз основа на сигналите, кои прв пат се воочени во саботата.
- Во голема мера ја стеснивме областа во која трагаме по авионот и во голема мера сме уверени дека сигналот, кој го детектираме доаѓа од црните кутии на авионот од летот 370, рече Ебот.
- Но без разлика на тоа ние сега влегуваме во фаза, во која сигналот, кој, како што сме уверени го емитува црна кутија, почнува да бледее. Се надеваме дека ќе собереме што повеќе информации пред сигналот целосно да исчезне, додаде австралискиот премиер.
Црните кутрии, кои содржат податоци за летот и снимки од разговорите во кокпитот, би можеле да помогнат да се расветли мистеријата зошто „Боингот 777“ скршнал од курсот, кога исчезна на 8 март помалку од еден час по полетувањето од Куала Лумпур за Пекинг.
Меѓутоа батериите на локаторот траат само околу 30 дена, а од исчезнувањето на авионот веќе помина повеќе од еден месец. Кога ќе се истрошат батериите на црните кутии ќе биде мошне тешко тие да се пронајдат во океанот, кој во таа област е длабок 4.500 метри.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа