Што велат Грците за претстојните избори во Македонија?

 

Речиси сите грчки медиуми денеска пренесуваат дека во недела ќе се одржат претседателските избори во Македонија, пишува МИА

Грчките медиуми пишуваат дека иако има четворица кандидати, трката ќе се води меѓу Иванов и Пендаровски, задржувајќи се само на нивните ставови околу името на Македонија.

-Прашањето за името доминираше во кампањата на Иванов и тој се покажа како ’чувар’ на името во целост идентификувајќи се со познатите позиции на Груевски. Во овој контекст, Иванов на секој митинг повторуваше дека ако биде реизбран за претседател нема да дозволи никаква промена на Уставот со цел промена на уставното име на Македонија, без претходно да се одржи референдум за прашањето на кој луѓето ќе се изјаснат што мислат, коментираат грчките медиуми. Тие додаваат дека Иванов ја обвинил Грција оти со нерешавањето на прашањето за името ја попречува европската и евроатлантската перспектива на земјата.

-Во врска со прашањето за името, Пендаровски истакна дека навистина е најсериозен проблем за земјата, но кој не може да биде решен од страна на една личност или партија во земјата и оти за справувањето со ова прашање потребен е широк национален консензус. Кандидатот на опозицијата ја обвини Владата дека го експлоатира прашањето за името за домашни политички цели и за да ги покрие другите неуспеси, пишуваат грчките медиуми.

Во статиите за претседателските избори во Македонија, грчките медиуми воглавно објавуваат општи и технички податоци од изборниот законик и информацијата дека „според аналитичарите, досегашниот претседател Иванов има најголеми шанси да обезбеди уште еден мандат“.

Грчките медиуми потсетуваат дека на изборите има четворица кандидати Ѓорѓе Иванов (кандидат на владејачката партија ВМРО- ДПМНЕ), Стево Пендаровски (кандидат на опозицискиот Социјалдемократски сојуз), Илијаз Халими (кандидат на опозициската Демократска партија на Албанците) и Зоран Поповски (кандидат на новоформираната партија Гром). Грците ја пренесуваат и информацијата дека „најголемата партија на Албанците во Македонија , ДУИ на Али Ахмети, која учествува во коалициската Влада на земјата, нема кандидат на овие претседателски избори и ги повика албанските гласачи во земјата да не поддржуваат ниту еден кандидат“.

11.04.2014 - 13:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега