Капушевски: Младите и спортот остануваат наш врвен приоритет

 

Младите и реализација на проекти за развој на спортот остануваат наш врвен приоритет. Токму затоа во новата програма посебно место имаат проектите за младите, развојот на спортската инфраструктура и спортот.

Ова го истакна Ратко Капушевски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција..

Тој најави дека во следниот период ќе се инвестира во изградба на нови затворени пливачки базени.

- Во Охрид ќе се гради современ базен за пливање и ватерполо. Базенот ќе биде согласно нормативите на меѓународната пливачка федерација ФИНА за ватерполо натпревари со димензии 25м ширина и 33м должина, рече Капушевски, додавајќи дека доколку економско-финансиските услови бидат во прилог ќе стартува и изградба на нов затворен пливачки базен во општина Крушево.

Капушевски потсети дека досега се изградени 32 мултифункционални спортски сали, а реновирани и модернизирани се две спортски сали кои ги исполнуваат потребните стандарди за одржување на натпревари во кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, како и натпревари во индивидуални спортови.

Во следниот период, најави тој, ќе бидат изградени девет нови, а ќе се реконструираат две постоечки спортски сали.

- Во програмата на ВМРО ДПМНЕ е проектирана и реализација на проектот за изградба и опремување на фудбалски игралишта со вештачка трева. Досега се опремени фудбалските игралишта во Ѓорче Петров и Гостивар, со што овие општини добија модерни, современи фудбалски терени опремени со вештачка трева по стандарди на ФИФА и УЕФА, истакна Капушевски, додавајќи дека во следниот период со вештачка трева ќе бидат опремени фудбалските игралишта во Штип, Битола, Струмица, Прилеп, Охрид, Кратово, Велес и Тетово.

Реализацијата на овој проект, објасни тој, се планира преку Агенцијата за млади и спорт, а проектирана е изградба на нови три во Струга, Берово и Крушево.

- Во целост ќе се реализираат и проектите за изградба на 120 тениски терени, за изградба на 100 повеќенаменски маалски игралишта, а од проектот за мултифункционални игралишта досега изградени и пуштени во употреба се 12 повеќенаменски игралишта, рече Капушевски најавувајќи дека останатите 43 повеќенаменски игралишта ќе се изградат во нареднипт четиригодишен период низ целата држава, за што ќе биде издвоен буџет од 506 милиони и 500.000 денари

Капушевски потенцираше дека за развој и унапредување на младите спортисти во Република Македонија во континуитет ќе се доделуваат стипендии на 500 млади спортисти. 

- Стипендиите се доделуваат на спортисти кои оствариле резултати на официјални државни и меѓународни натпревари за возрасни категории до 20 години, во олимписки и параолимписки спортови, рече тој. 

11.04.2014 - 12:42
Фото: 
Курир

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега