„Македонија во ОН под уставното име“
Денес, 21 година по приемот на Република Македонија во Обединетите нации е поважно од кога било да и се дозволи на земјата да биде заведена во Њујорк со нејзиното легално име Република Македонија, изјави за програмата „Гласот на народот“ првиот медијатор во грчко-македонскиот спор Робин О Нил.
Според британскиот амбасадор, Грција ја блокираше земјата 21 година со образложение дека има спор за името и за време на тој период одбиваше да преговара сериозно за некое друго алтренативно име, а го држеше спорот отворен и покрај многуте обиди преку независниот медијатор од ОН, проблемот да биде решен.
- Причината за ова е проста. Грција знае дека на крај Македонија ќе биде прифатена меѓународно под нејзиното уставно име во сето меѓународно право и затоа работи тактички со намера да го одложи ова прифаќање што подолго, се разбира ако може и колку може, истакнува британскиот дипломат.
Тој додава дека грчкиот аргумент е дека името Македонија на некој начин ја повредува Грција и меѓународно и дома, но вели, аргументот не може да биде самото име, бидејќи според меѓународните правила, секој може да се именува со име каво што самиот сака.
Според него, Владата во Македонија треба да превземе решителна акција барајќи Обединетите нации сега да ја прифатат Република Македонија под уставното име, а не под референцата Поранешна југословенска република Македонија.
Воедно, додава дека Власта „треба да бара договор на следните четири основи: дека Македонија го има одсекогаш правото да го користи името што го одбрала и тое е според меѓународното право, дека во последните 21 година во разговорите со медијација на ОН, Грција никогаш не беше подготвена да преговара сериозно и во добра волја за да се реши проблемот со Македонија, на пример да се најде име кое ќе биде прифатливо за двете страни“. Потоа, наведува дека искуството од годините покажало дека Грција нема никаква штета од употребата на името Република Македонија веќе признаено од многу земји членки на ОН, како и дека вештачки и намерно пролонгирање на овој спор не е во интерес на ОН и на добрите меѓународни односи како и на меѓународното право.
- Не верувам дека ова ќе ги отежни односите на Македонија со НАТО и со Европската унија, туку сосема обратно. Ако Грција беше подготвена да ја прифати Македонија во НАТО и ЕУ со привремената референца ФИРОМ, како што се согласи во 1995 година, немаше да треба да се оди во ОН сега. Но, Грција никогаш не покажа волја да се однесува по договорот. Откако Македонија ќе биде прифатена во ОН како Република Македонија, членките на ЕУ и на НАТО нема да можат долго да одбиваат да ја прифатат земјата со ова име и во овие две организации, дециден е амбасадорот Робин О Нил
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа