Јанкулоска: Продолжува стипендирањето за најдобрите светски универзитети
Изненадувачки е голем интересот на младите, посебно на матурантите, за можностите кои ги нуди Владата на РМ, оцени Гордана Јанкулоска, министер за внатрешни работи и носител на листата за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ во Втората изборна единица.
- Во новата четиригодишна програма на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ продолжуваме со мерките за поддршка на образованието и со мерката за стипендирање на секој поединец кој ќе успее да се запише на стоте најдобри универзитети во светот со целосно покривање на сите трошоци на студирање или на 200-те најдобри универзитети од областа на техничките науки, изјави Јанкулоска на Скопски саем, каде што денеска беа отворени 17. Денови на образование и кариера.
- Исто така, во делот за образование од нашата програма ќе продолжиме и со поддршката на студентите во Република Македонија, затоа што ништо не може да го замени знаењето и тоа е единственото нешто што е капитал на поединецот кој може секаде и секогаш да го носи со себе, додаде Јанкулоска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа