"Ало докторе" - граѓаните преку телефон ќе добиваат совети од лекар
Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014 – 2018 содржи вкупно 2.046 проекти, од кои 79 се од областа на здравството, истакна министерот за здравство Никола Тодоров на денешната партиска прес-конференција.
- Со секој наведен проект од областа на здравството во оваа Програма, со секој прецизиран буџет или рок на реализација на проектот, ние се обврзуваме дека во оптимално време и со оптимални средства и ресурси ќе овозможиме здравствена заштита каква што заслужуваат нашите граѓани, рече Тодоров.
Проектите од аздравството, нагласи, се содржани во делот од програмата со наслов „Здравје во секој дом, здравје за секој граѓанин“.
- Со реализирањето на предвидените проекти, ние навистина ќе ги опфатиме сите категории на граѓани, со цел унапредување на здравствената заштита на ниво на целата држава. Меѓу вкупно 79 проекти од областа на здравството, го предвидовме и проектот Развој на центри за палијативна грижа, посочи Тодоров.
Центри за палијативна грижа, нагласи, во моментов постојат во Скопје и во Битола, но состојбата во практиката укажува на потребата од отворање на ваков тип на центри и во другите градови во Република Македонија, имајќи го в предвид фактот на стареење на населението и се поголема потреба од ваков вид на центри во државата.
- Предвидуваме отворање на ваков вид на центри во поголемите градови во Република Македонија како што се Штип, Тетово, Гостивар, Куманово, Прилеп, Струмица и Охрид. Во постојните болнички капацитети ќе одвоиме од 5 до 10 кревети кои ќе бидат наменети за палијативна грижа. Ќе спроведеме дополнителна едукација на лекарите, сестрите, болничарите, со цел пружање на здравствена палијативна грижа на пациентите кои што ќе бидат сместени во овие болнички капацитети, прецизира Тодоров.
Со тоа, нагласи, ќе овозможиме неискористените болнички капацитети да бидат искористени за намена за која сега граѓаните имаат потреба, а немаат каде да бидат згрижени.
- Ваквите центри се неопходни, пред се, поради тоа што семејствата на лицата на кои им е потребна нега од ваков тип, често се немоќни да им ја пружаат во домашни услови. На овој начин, лицата ќе ја добиваат потребната нега во соодветни медицински услови, и што е најважно, нивниот транспорт до Скопје или Битола нема да биде потребен, поради тоа што негата ќе ја добиваат блиску до сопственото место на живеење, истакна Тодоров.
Вкупниот буџет предвиден за реализирање на овој проект изнесува 4 милиони денари, иницијален буџет само за реконструкција и приспособување на овие простори. Предвидуваме да се реализира овој проект во периодот од 2017 – 2018 година.
- Во претстојниот период до 2015 година, во рамки на предвидениот буџет ќе воведеме телефонска линија за медицински совети – АЛО ДОКТОРЕ. Овој проект го предвидовме како повикувачки центар кој ќе пружа советодавни услуги и упатства за сите граѓани на Македонија, за кои не е неопходен итен медицински третман, односно во случаи на настинки, покачена телесна температура, главоболки, и слично, прецизира Тодоров.
Ваков тип на проекти, посочи, се спроведуваат во неколку развиени здравствени системи и ефектот од овој тип на проект е многу позитивен за здравствениот систем затоа што ги намалува бројот на посети во болниците од страна на пациенти кои што можат да бидат третирани и преку совет даден од искусен лекар.
- Идејата е да се вработат најмалку 10 доктори и 10 медицински сестри кои што ќе работат 24 часа дневно, седум дена во неделата и ќе даваат здравствени совети и преку телефон на оние пациенти на кои што тоа им е потребно. Предноста е што сервисот ќе биде достапен 24 часа. Со овој проект овозможуваме пациентите во првиот момент на појава на здравствена потешкотија, веднаш да добијат стручен медицински совет, а без притоа да треба да посетат некоја здравствена установа, рече Тодоров.
Предвидуваме, посочи, и проект со кој ќе ги опфатиме здравствените работници вработени во јавните здравствени установи со средно стручно образование, а кои во меѓувреме имаат завршено високо стручно образование во времетраење од 3 години. На овој начин, ќе излеземе во пресрет на соодветно вреднување на образованието и знаењето кое го стекнале здравствените работници.
- Од направената анализа произлезе дека за вкупно 578 вработени здравствени работници со средно стручно образование, и тоа медицински сестри, физиотерапевтски техничари, рентген-техничари, лабораториски техничари и други, ќе се систематизираат работни места во согласност со дејноста на јавната здравствена установа. Ова значи пластично признавање на завршеното образование за овие категории на здравствени работници кои што биле вработени со средно стручно образование а во меѓувреме завршиле високо три годишно образование, систематизирање на работни места со високо образование и на тој начин практично и покачување на платата односно добивање на плата согласно нивното моментално стекнато образование, истакна Тодоров.
Предвидениот буџет за реализација на овој проект изнесува 51.203.167, денари и ќе го реализираме до јули 2016 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа