Запленета опрема приведени рибокрадци - еве детали од големата акција во Преспа

 

Државниот инспекторат за земјоделство, по сознанија за организиран криволов на риба на Преспанското Езеро, вчера спроведе акција на риболовното подрачjе. Во акцијата беше запленето поголемо количество опрема за криволов на риба.

Од инспекторатот информираат дека, во услови кога езерото е без концесионер, организирана група на лица од регионот на Преспа со значајни количества риболовен алат, мрежи, недозволени средства, влакови, оски, харпуни, вршеле нелегален излов на риба од Преспанското Езеро. Исто така, сознанијата на инспекторатот биле дека истите лица поседувале импровизирани складишта за риболовен алат, како и фрижидери со свежа и замрзната риба што илегално била пуштана во промет на зелените пазари во Битола, Прилеп и Ресен, како и во угостителските објекти во Охрид и Струга.

Државниот инспекторат за земјоделство во соработка со МВР СВР – Битола и Единицата за брзи интервенции при МВР ја спровеле акцијата и со судски налог извршиле претрес на објекти и домови на одредени лица во реонот на Преспанското Езеро, при што на потегот на селата Деолно Дупени и Наколец биле пронајдени и запленети 283 рибарски мрежи во вкупна должина од околу 14 километри, 205 килограми риба (претежно преспанска плашица), две сачми (сертмиња), една повлечна мрежа – влак, шест вонбродски мотори за чамец, три кајчиња и друга опрема за риболов.

Од страна на СВР – Битола се поднесени пет кривични пријави, додека исто толку прекршочни пријави се поднесени против други пет лица од страна на Државниот инспекторат за земјоделство. Една пријава е поднесена против непознат сторител. Целата запленета опрема и алат ќе биде предаден на Агенцијата за одземен имот од Скопје.

Инаку, од Државниот инспекторат за земјоделство најавуваат дека надзорот и контролата во наредниот период ќе се интензивираат и тоа на повеќе риболовни подрачја и зони, а истовремено на концесионерите и рекреативните риболовци им сеукажува доследно да се спроведуваат одредбите од Законот за рибарство и аквакултура, како и подзаконските акти од истиот.

најчитано сега