Гласаат членовите на ИО кои ќе ги спроведуваат изборите во ДКП-та

Во избирачкото место 5050 во Државната изборна комисија (ДИК) денеска ќе гласаат 294 членови на избирачките одбори за спроведување на гласањето за претседателските избори во Дипломатско - конзуларните претставништва  (ДКП) и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство. Оваа година првпат на претседателски избори ќе можат да гласаат и македонски државјани кои работат или престојуваат во странство.

За гласањето во дијаспората, што ќе се одржи в сабота на ден пред изборите, пријавени се 8.332 македонски државјани, од 70.305 запишани во избирачкиот список. Во ИЕ 7 (Европа и Африка) ќе можат да гласаат 5.892 македонски државјани (Европа и Африка), во ИЕ 8 (Северна и Јужна Америка)-1.426 и во ИЕ 9 (Австралија и Азија) - 1.014.  

Гласање ќе има во 34 избирачки места во дијаспората, од вкупно 47. Нема да се гласа во 13 избирачки места бидејќи таму се пријавени помалку од 10 избирачи и тоа во Каиро, Атина, Доха, Талин, Варшава, Солун, Будимпешта, Тел Авив, Москва, Мадрид, Киев, Осло, Њу Делхи.

Во сабота исто така ќе гласаат и 39 внатрешно раселени лица, војниците, болните и немоќните лица, 1.706 лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор и доколку се пријавиле лица во домашен притвор.

Петтите претседателски избори во Македонија ќе се одржат во недела на 13 април, додека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 27 април.

09.04.2014 - 09:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа