Дваесет и четиричасовен генерален штрајк во Грција

Вработените во државниот и приватниот сектор во Грција денеска излегуваат на штрајк кој ќе почне во 11 часот и чија крајна цел е плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент. Поради штрајкот нема да работат државните служби, а во прекин ќе биде и дел од транспортот. Ова е прв генерален штрајк во земјата против мерките за штедење  од почетокот на 2014 година.

Во штрајкот учествуваат и лекарите и медицинските сестри, така што болниците ќе работат само со неопходен персонал, а затворени ќе останат и аптеките. На работа нема да се јават ниту наставниците , вработените во затворите и судиите.

Авиодиспечерите исто така ќе ја прекинат својата работа , но засега не е објавено дали и нивниот штрајк ќе трае 24 часа.

Движењето на меѓуградските возови, тролејбусите и фериботите ќе биде парализирано. Метрото ќе работи, со исклучок на линијата што оди до атинскиот меѓународен аеродром, а ќе работи и железничката линија меѓу Пиреја и Кифисија.

Се очекува центарот на Атина да се соочи со големи проблеми во сообраќајот, затоа што најголемите синдикати ГСЕЕ и АДЕДИ организираат марш.

09.04.2014 - 09:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа