Торнадото во Оклахома најскапо во историјата на САД?

 

Торнадото, што во понеделникот ја зафати американската држава Оклахома, може да се претвори во најскапото во историјата на САД, бидејќи штетите од него можат да надминат три милијарди долари, изјави осигурителниот инспектор Џон Доук, цитиран од светските агенции.

Досега најразурнувачкото и најсмртоносно торнадо во современата историја на САД е она што го девастира градот Џоплин, во државата Мисури, во мај 2011 година. Тогаш загинаа 161 лице, а срамнети со земјата беа околу 7.000 згради.

Според Доук, штетите од торнадото во Џоплин беа проценети на три милијарди долари, а последиците од торнадото во Оклахома можат да ја надминат оваа сума.

Според последните податоци, 24 лица, од кои девет деца, загинаа по ударот на торнадото. Бројот на жртвите може да се зголеми, бидејќи не се расчистени сите разурнати згради.

Досега од под урнатите згради се извадени живи над 100 лица.

Во мај 1999 година врз истите реони на Оклахома се спушти најсилното торнадо во историјата, кога брзината на ветрот во неговиот центар изнесуваше 486 километри на час. Тогаш имаше 44 жртви на стихијата. 

најчитано сега