Претседалот Иванов добитник на наградата за демократија и пазарна економија на ФАС
Фондот за американски студии, престижен институт во Вашингтон за промовирање лидерство во политиката и развој на слободата и пазарната економија во светот, го избра актуелниот претседател Ѓорге Иванов кој ја трча и трката за втор мандат, за добитник на нивната Награда за слободата, која се доделува секоја година на истакнати лидери од источна и централна Европа за нивните заслуги за промовирање на демократијата и слободните пазарни економии во нивниот регион.
- Одборот на ФАС е во контакт со лидерите од средна и источна Европа, кои ги одразуваат вредностите на фондацијата. Го одбравме претседателот Иванов поради неговите достигнувања во промоцијата на
економската слобода на земјата, сите успеси постигнати во намалувањето
на даночните стапки, намалувањето на невработеноста, зголемувањето на транспарентноста и подобрувањето на јавното образование. Сето тоа го прави одличен пример за нашите студенти и за другите земји во светот. Ја следевме Македонија во изминатите пет години и може да се каже дека има постигнато многу големи успеси - на Индексот за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“ Македонија значително напредува, како и на другите индекси на транспарентноста, изјави Стивен Слатери, потпретседател на Фондот за американски студии.
Наградата на претседателот Иванов ќе му биде доделена во август 2014 година во Карловиот универзитет во Прага.
Инаку, Фондот за американски студии е основан пред половина век од американскиот политичар Чарлс Едисон, син на научникот Томас Едисон. Во соработка со институти за образование и лидерство од САД и од светот, со локации во Хонг Конг, Сантјаго де Чиле и Прага, ФАС образува лидери и политичари со цел да го помогне промовирањето на слободата и пазарните принципи и низ нивните школи минале илјадници студенти и политичари од САД, Европа и од светот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа