Ставрески: Ќе обезбедиме шестотини милиони евра поддршка за земјоделците
Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со голема поддршка на земјоделците, најави денеска на прес-конференција членот на Извршниот комитет на партијата Зоран Ставрески, најавувајќи намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5 отсто за сточна храна, адитиви за сточна храна и жив добиток.
- ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди вкупно 600 милиони евра за развој на земјоделството и руралните средини, односно по 150 милиони евра секоја година. Ова е историски највисок постигнат износ за поддршка на македонскиот земјоделец обезбеден од македонската држава. За дополнителна помош на земјоделците ќе ја намалиме и стапката на ДДВ од 18 на 5 проценти за сточна храна, адитиви за сточна храна и жив добиток, со што директно ќе се стимулира производството на месо и млечни производи, истакна Ставрески, најавувајќи и изградба на голем број хидросистеми, меѓу кои брана Конско во Гевгелија, Маркова река во Струмица, Јужновардарска долина 2 фаза, Оризарска река и други.
Во следниот четиригодишен период, рече тој, доколку не се случи сериозна надворешна криза, Владата ќе ги зголеми платите на просветните, здравствените, социјалните и културните работници, полицијата и војската и сите вработени во јавниот сектор по 5 отсто секоја година, почнувајќи од октомври оваа година.
- Вкупното зголемување на платите во следниот мандат ќе изнесува 21,5 отсто, рече Ставрески.
Ова, рече Ставрески, се само мал дел од 2.046 проекти на најобемната програма која била направена последниве 20 години, од која било политичка партија во Македонија. Партијата во следниот период ќе ги презентира проектите од програмата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа