Украински новинар убиен во централниот дел на земјата
Украински новинар, активист од националистичката партија „Слобода“ е пронајден мртов со траги од мачење, ден откако беше киднапиран, објави денеска оваа политичка партија.
Телото на Васил Сергиенко е пронајдено вчера во близина на селото Виграив во централниот дел на Украина, на околу 120 километри југоисточно од Киев. Во соопштението на „Слобода“ се наведува дека на телото се забележуваат траги од мачење и рани од нож, а черепот е скршен.
Новинарот бил киднапиран во петокот вечер од тројца непознати, што го пресретнале пред неговиот дом и со сила го качиле во нивното возило.
Локалното обвинителство потврди дека е откриено неговото тело, но не објави детали во интерес на отворената истрага.
Според партијата „Слобода“ Сергиенко добивал закани и неговото убиство може да е поврзано со негови текстови за влијателен локален бизнисмен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа