Ставрески: Намалување на ДДВ-то за училишниот прибор и бебешките производи
Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се предвидени мерки за младите семејства. Една од нив, најави денеска членот на Извршниот комитет на партијата Зоран Ставрески, е намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5 отсто за набавка на училишен прибор и за набавка на бебешки производи што се планира за од годинава и ќе трае 365 дена.
- Тоа е многу подобро и покорисно решение од мерката на СДСМ за еден викенд во годината без ДДВ за училишен прибор. Ние ќе овозможиме цела година, 365 дена во годината, набавка на училишен прибор со повластена, ниска стапка на ДДВ од 5 проценти, изјави Ставрески.
Предвидено е намалување и на стапката на ДДВ од 18 на 5 отсто за набавка на бебешки производи.
Ставрески најави намалување и на каматните стапки во проектот „Купи куќа купи стан“.
- И тоа првите три години наместо досегашните 4,9 отсто каматната стапка ќе изнесува 3,95 отсто, а во четвртата и петтата година наместо 5,5 отсто ќе изнесува 4,44 отсто, рече членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Во програмата насловена „Проверено“ се наведени и низа мерки за домашните компании.
- И во следните четири години со ВМРО-ДПМНЕ Македонија ќе задржи најниски даноци во Европа и ќе биде земја со најповолна бизнис клима во Југоисточна Европа. Преку реализацијата на многу инфраструктурни проекти и издвојување на висок износ на буџетски средства за капитални инвестиции, и натаму ќе обезбедуваме работа за македонските градежни компании и за над 25 индустриски гранки поврзани со градежништвото, рече Ставрески.
На малите и средните компании, објасни Ставрески, ќе се обезбеди пристап до нови 100 милиони евра кредити со субвенционирана каматна стапка од 5,5 проценти.
- Дополнително ќе извршиме докапитализација на МБПР со 10 милиони евра, односно по 2,5 милиони евра годишно, со што македонските компании ќе можат да го финансираат своето производство наменето за извоз и земјоделското производство, како и откупот и извоз на земјоделски производи, изјави тој.
Домашните фирми ќе добијат финансиска поддршка и поддршка во процесот на добивање меѓународни сертификати за зголемување на квалитетот на производите и нивна поинтензивна интеграција во ланецот на снабдувачи на странските фабрики кои работат во ТИРЗ и индустриските зони. Преку Фондот за иновации, како што потенцира Ставрески, ќе обезбедиме финансиска и експертска поддршка за новите компании со иновативен капацитет. Истовремено, секоја година по осум македонски новоформирани компании ќе имаат можност за престој во бизнис акцелератор во САД-Силиконската долина со цел да се доразвие и унапреди нивниот бизнис.
- Ќе продолжиме со имплементација на мерки со кои дополнително ќе се поедностават административните и регулаторни процедури за започнување бизнис, добивање градежни дозволи, добивање приклучок за електрична енергија, прекугранично тргување, регистрирање имот, заштита на инвеститорите, зајакнување на системот на иновации и истражување, спроведување на договорите и стечајните постапки, рече Ставрески на денешната прес-конференција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа