Груевски најави најмалку 30 нови фабрики во Македонија
Новата програма на ВМРО-ДПМНЕ носи логичен наслов. „Проверено“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на вчерашниот митинг кој се одржа на скопскиот плоштад „Македонија“.
Груевски пред граѓаните најави голем број на крупни проекти и реформи од новата програма со која ќе настапат на претстојните парламентарни избори.
-Најголем дел од неа се однесува на економијата, на оние кои се поврзани со економијата. Таа е сеопфатна, но најголем акцент е на економијата. Гарантираме најмалку 30 нови фабрики во слободните економски зони низ Македонија. Програмата предвидува 64.000 нови работни места, за по 4 години да имаме во регистарот 64.000 повеќе вработени и 64.000 помалку невработени. Тоа значи намалување на невработеноста на околу 22 %, за 6 проценти поени до 2018 година, рече премиерот Груевски.
Премиерот најави и нова инвестиција од италијанската фирма „Дијатек“ која ќе отвори фабрика во Скопје.
- Почитувани присутни среќен сум што имам можност да ви соопштам уште една убава вест. Пред малку добивме официјална дозвола за објавување на информација од италијанскиот гигант во индустријата за машини за печатарска индустрија “Дијатек“ дека одлучиле за изградба на нивна фабрика во зоната во Скопје која ќе има директни 200 вработувања и голем број индиректни вработувања. Денеска и тие го објавиле тоа на својата страна. Благодарам за поддршката зашто без вас ова немаше да се случи, рече Груевски.
Борбата продолжува, целите се исти, рече вчера премиерот Груевски. Силна Македонија, просперитетна Македонија, Македонија која ќе отвора нови работни места, ќе гради и ќе се грижи за своите граѓани.
ВМРО-ДПМНЕ вчера ја стартуваше кампањата за предвремени парламентарни избори со централен митинг на скопскиот плоштад. На митингот присуствуваа огромен број на граѓани и покрај силниот дожд.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа