Груевски: Иванов е чесен и посветен човек - целосно стојам зад него
Целосно стојам зад Претседателот Ѓорге Иванов за втор мандат, рече премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на синоќешниот централен митинг на коалицијата „За подобра Македонија“.
-Претседателот Иванов е најдобриот од сите можни кои се во комбинација за оваа позиција: тој е чесен човек и интелектуалец, посветен на работата и на државата, и ние сме одличен тим. Во последните пет години гледав дека тој секогаш го чини она што е најдобро за Македонија. Тој навистина ја става „Државата пред се“. Не се плашам да застанам зад него, охрабрувајќи ги гласачите да му доверат втор мандат. Нашите опоненти, пак, се чини дека играат игра со нивниот претседателски кандидат. Тие го предлагаат Стевче по старо, или Стево, сеедно, а потоа си заминуваат од него. Не знам дали се срамат од својата одлука или едноставно не го поддржуваат вистински. Па после тоа им текна демек Стево само можел против нас и слично. Многу неубедливо, многу провидно. Значи и во ова постои разлика, истакна Груевски.
Премиерот рече дека секогаш ќе ја информираат јавноста за своите планови а потоа ќе се обидуваат плановите да ги реализираат најдобро што можат.
-Ја откривам нашата програма и таа содржи многу детални предлози за се што планираме да правиме. Таа е истовремено амбициозна и прагматична програма. Не давам ветувања освен ако сметам дека можеме да ги исполниме. Нашите опоненти, пак, или не понудија ништо детално или понудија такви бесмислени ветувања за кои и самите знаат дека никако не можат да ги исполнат, рече вчера Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа