Ивица Боцевски: СДСМ веќе одамна е „dead man walking“

СДСМ веќе одамна е „dead man walking“ што би рекле Американците, или мртовец кој се уште се движи. Ова партија нема програма, нема платформа, нема идеологија и нема никаква причина за своето постоење. Тие се само еден инерцијален момент од комунизмот и од некогашната СКМ.” Вака политичкиот аналитичар, Ивица Боцевски ја аланизира предизборната атмосвера на политичката сцена во Македонија, во интервјуто за Прес24. Боцевски вели дека СДСМ нема никаква структура, ниту пак идеја и програма како да ја победи владеачката ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека единствената карта им е Стево Пендаровски, за кој се надеваат дека во првиот круг ќе губи со околу 50.000 гласа разлика.

- Ставањето се една карта (резултатот на Пендаровски во првиот круг), на крајот може да има лоши последици врз СДСМ. Имено, доколку разликата измеѓу Иванов и Пендаровски по првиот круг биде поголема од 100 илјади гласа, тогаш се распаѓа кампањата на СДСМ иако дури престојат избори за Собранието. Јас се надевам дека во ваков случај СДСМ ќе смогне сили повторно да не влезе во мрачни сценарија за Македонија, вели Боцевски за Прес24, потсетивајќи на сценаријата на СДСМ од минатото како обидот на Црвенковски на 24 декември, за државен удар во Македонија.

-Всушност, тоа беше обид за предизвикување на внатрешна криза која што во даден момент требаше да се интернационализира. Да се потесетиме дека Заев тогаш зборуваше „допрва ќе се пука“. Со еден збор „украинско сценарио“ во Скопје.

Меѓутоа, оваа стратегија потфрли на клучниот момент. Граѓаните на Македонија, по четврт век искуство со демократскиот процес, добро знаат да намирисаат измама и манипулација, анализира Боцевски, потенцирајќи дека главниот проблем на СДСМ е нивното мислење дела тие се „природна партија на власта“ во Македонија, па затоа секоја друга ситуација, освен кога тие се на власт, е неприродна.

- Оттаму извира и целиот овој негативизам и деструкција што СДСМ го шири околу себе кога не се на власт. Едно време, да се потсетиме, ВМРО-ДПМНЕ ја бугаризираше Македонија, сега ги руши односите со Бугарија. Потоа ВМРО-ДПМНЕ го продаваше името, а сега имале тврд став за името. Во 1999 година „владата на ВМРО беше марионетска“ (зборови на Црвенковски) заради соработката со НАТО, сега „ноќе не оддалечувале од НАТО“. И секој нормален поединец кога ќе посочи на оваа шизофреност, веднаш добива грутки со кал в лице, обвинувања дека е купен, корумпиран, дека му било ветено ова или она и слично, вели Боцевски за Прес24.

-Многумина во Македонија тврдат дека зад успехот на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски се криела неговата позиција за името, некако национализам, популизам, пропаганда, манипулација, авторитаризам, диктатура и така натаму. Меѓутоа, суштинската причина зад успехот на ВМРО-ДПМНЕ е новиот стил на работа, со јасно претставена програма, проекти и рокови за нивно исполнување. Покрај тоа, другата причина за успех е враќањето на моќта на јавните институции. Во времето на СДСМ институциите се претворија во една обична шега, беа лишени од своите овластувања, а вистинската мож лежеше исклучиво во владејачката врхушка и со нејзе поврзаната бизнис-олигархија. Сега е јасно дека моќта е во институциите. Никој веќе не спори дека УЈП, Царината и другите служби си ја вршат работата и дека веќе нема привилегирани во овие институции, вели во интервјуто за Прес24, Ивица Боцевски, политички аналитичар, кој прави цеосна анализа и за Претседтелските и за вонредните парламентарни избори.

ПРЕС24: 14 политички партии и коалиции ќе учествуваат на претстојните вонредни парламентарни избори. Генерално изборот ќе се сведе на четирите најголеми партии во македонскиот и албаснкиот политички блок. Можни ли се изненадувања кај оние нови политички партии како, ГРОМ, Алијасата за позитивна Македонија? 

БОЦЕВСКИ: Изборите од 2011 година беа едно големо чистилиште во Македонија. По овие избори единствено ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА и НДП останаа на сцената. Меѓутоа целата ситуација околу 24 декември 2012 година на крајот им се скрши од главата на оние што го планираа 24 декември. Да потсетам, на овој датум беше осуетен обид за државен удар во Македонија. Тогашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, се обиде да предизвикива вештачка политичка криза. Велам вештачка политичка криза затоа што како повод беше избрано усвојувањето на буџетот на Македонија за 2013 година. Се сеќаваме на тие пламени говори во Собранието, се зборуваше како „судбината на нашите деца и внуци е загрозена“ ако помине буџетот затоа што Македонија ќе банкротирала. Никому не му беше јасно ова пренемагање на СДСМ во Собранието затоа што Македонија е една од ретките земји во регионот што нема проблем со својот јавен долг. Но, тие одлучија „да одат до крај“ и да предизвикаат криза.

Се сеќавате како јуришнички се тргна врз барикадите, па потоа започна бојкотот на Собранието, па блокадите на сообраќајниците, бојкотот на локалните совети, прошетките низ улиците на градовите и слично. Всушност, тоа беше обид за предизвикување на внатрешна криза која што во даден момент требаше да се интернационализира. Да се потесетиме дека Заев тогаш зборуваше „допрва ќе се пука“. Со еден збор „украинско сценарио“ во Скопје.

Меѓутоа, оваа стратегија потфрли на клучниот момент. Граѓаните на Македонија, по четврт век искуство со демократскиот процес, добро знаат да намирисаат измама и манипулација. На сета оваа стратегија и недостасуваше масовност и нејзино изворно прифаќање од граѓаните. Никој не може веќе на Македонецот да му продаде „мачка во вреќа“, а одамна се прочитани сите сценаристи на „украинското сценарио“ и слични игранки.

Оваа стратегија доживеа целосен распад кога „бетонот пукна“, па Стевчо Јакимовски излезе со своја листа, преку Српската напредна странка. Сега читаме дека и Заев бил подготвен да излезе преку Либералната партија, Дамјановски, исто така, имал некои свои комбинации, а и другите си правеле свои математики. Соочен со овој стихиен распад, најголемиот калкулант и тактичар во современата македонска историја, Бранко Црвенковски, на крајот невољно прифати СДСМ да излезе на избори. На тие избори граѓаните на Македонија нему и на СДСМ им ја испорачаа фактурата за организирањето на ова „украинско сценарио“ во форма на историски пораз за СДСМ.

Воедно, овие избори го поништија ефектот на изборите од 2011 година, па политичката сцена повторно стана разнобојна.

Што се случува сега? Во меѓувреме имаме два нови сериозни политички чинители – ГРОМ и Алијансата за позитивна Македонија кои претендираат да им се претстават на бирачите. ГРОМ е една интересна групација, собрана околу градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски. Ако судиме според персоналниот состав на ГРОМ, тука гледаме дека јадрото на оваа групација е некогашната Младинска Демократско-Прогресивна Странка, партијата која што произлезе од Сојузот на социјалистичката младина на Македонија. Ова јадро го следеше Стевчо кога тој излезе од ЛДП и влезе во СДСМ, а сега го следат и во новото движење. Нему (на Стевчо Јакимовски) може да му се забележи за многу нешта, но секако дека не му недостасува разбирање на политиката и одлично водење на кампањи. Според мене, секоја резултат на 30 илјади гласа ќе биде голем триумф за ГРОМ, но сега тие треба да се концентрираат на освојување на барем еден пратеник, со цел да ја продолжат приказната на ГРОМ. Единствена грешка во овој период за оваа партија е фактот што Стевчо Јакимовски нема да биде носител во „единицата“. И покрај тоа што тој се изјасни дека ќе остане градоначалник на Карпош, лидерот на партијата мора да излезе на црта, на соочување со граѓаните и да ја води листата на својата партија.

Што се однесува до позитивците, туку имаме интересна ситуација. Ова, ако добро ме служи сеќавањето, е прв обид на македонската политичка сцена да се излезе со една либертаријанска агенда, односно промоција на политика на слободен пазар, минимална држава, радикална децентрализација, економски и културен либерализам. На изминативе избори во Србија, со слична платформа, излезе министерот Саша Радуловиќ и тој освои 1,7% од гласовите, со што покажа дека дури и на Балканот постои публика за една ваква платформа. Освен тоа, во лидерството на позитивците е некогашниот премиер и лидер на СДСМ Владо Бучковски. И нему може да му се забележат многу нешта, но никој не може да му спори дека тој се обиде да и даде содржина на СДСМ и дека неговите политики беа либерални. Токму затоа тој стана анатема за Бранко Црвенковски. Стилот на раководење со СДСМ и раководење со државата на Бучковски ја покажуваше сета голотија и безидејност на дотогашниот СДСМ. Зарем смее да се дозволи позитивен пример да вирее во таа партија? Се разбира, и позитивците, како и ГРОМ, бркаат барем еден пратеник што ќе им овозможи да ја продолжат својата приказна како политички чинител. 

ПРЕС24: Ако некои аналитичари велат дека овие парламентарни избори се тест за позиционирањето на ГРОМ и Алијансата на политичката сцена, за СДСМ проценуваат дека ќе бидат избори  од кои веројатно ќе зависи иднината на партаијата. Колку е реално да се верува дека на СДСМ може да ја загуби доминантната позиција на најголема опозициона партија? 

БОЦЕВСКИ: СДСМ веќе одамна е „dead man walking“ што би рекле Американците, или мртовец кој се уште се движи. Ова партија нема програма, нема платформа, нема идеологија и нема никаква причина за своето постоење. Тие се само еден инерцијален момент од комунизмот и од некогашната СКМ. Сојузот на комунистите на Македонија некаде во доцните 1960-ти го изгубил сиот свој радикализам и сиот свој идеолошки потенцијал. Оттогаш тие се одржуваат благодарение на фактот што биле забранети други политички партии и што СКМ била филтер за влез во политичката елита.

Меѓутоа, што е суштината на СДСМ (СКМ) по демократизацијата? Ништо!

Тие за себе мислат дека се „природна партија на власта“ во Македонија, па затоа секоја друга ситуација, освен кога тие се на власт, е неприродна. Оттаму извира и целиот овој негативизам и деструкција што СДСМ го шири околу себе кога не се на власт. Едно време, да се потсетиме, ВМРО-ДПМНЕ ја бугаризираше Македонија, сега ги руши односите со Бугарија. Потоа ВМРО-ДПМНЕ го продаваше името, а сега имале тврд став за името. Во 1999 година „владата на ВМРО беше марионетска“ (зборови на Црвенковски) заради соработката со НАТО, сега „ноќе не оддалечувале од НАТО“. И секој нормален поединец кога ќе посочи на оваа шизофреност, веднаш добива грутки со кал в лице, обвинувања дека е купен, корумпиран, дека му било ветено ова или она и слично.

Понатаму, партијата СДСМ е сведена на еден семеен бизнис на неколку македонски семејства со длабоки корени во поранешниот комунизам. Тоа е, условно кажано, македонската црвена аристократија. Овие луѓе сметаат дека ним природно им припаѓа правото да владеат со Македонија, па целата приказна со изборите е само декор кој треба да го потврди нивното од Бога дадено право да владеат. Затоа „народот е во право дури и кога греши“, а греши секогаш кога нема да ги избере СДСМ  на власт. Џабе е тука да се зборува дека човештвото ги скина ланците на аристократите и им го одзема Божјето право да владеат уште со Француската револуција од 1789 година. Оттогаш, па наваму, народот е оној кој што дава право на власт, а граѓаните на Македонија покажаа дека одлично мерат и уште подобро сечат.

Сега ги имаме овие новиве листи на СДСМ. Што да се каже, а да не се заплаче?  Социјалдемократскиот сојуз на Македонија понуди кандидатски листи за претстојните парламентарни избори на кои не се наоѓаат ни претседателот, ни заменик-претседателот, ни потпретседателите, ни генералниот секретар, ни најактивните парламентарци, ни градоначалниците, а ни медиумски експонираните членови на партијата. На понудените листи имаме целосни политички анонимци, кои за да бидат нештата уште побизарни, дури беа наречени и „втора постава“ на СДСМ, токму од медиумите блиски до оваа партија.

Зошто велам дека овој потег е бизарен?  Прво, политичките партии се разликуваат од другите доброволни организации поради својата клучна дејност, а тоа е регрутирање, изградба и предлагање кандидати за пополнување на политичките функции во една држава (членови на локални совети, градоначалници, членови на Собранието, министри, премиер, претседател и други избрани и именувани функционери). Токму од тие причини во демократските општества јавноста инсистира процесот за избор на кандидати во самите политички партии да биде максимално транспарентен, а граѓаните да имаат целосен увид во работењето на партиите и темелно да се запознаат со кадровскиот потенцијал на самите партии. На изборите партиите излегуваат со кандидати што треба изворно од самите граѓани да го добијат мандатот за влез во Собранието и за влез во Владата. Токму затоа врвното раководство на партијата секогаш се наоѓа на челото на понудените кандидатски листи. Зарем има подобар начин за легитимирање на една власт од победа на избори. Изворно добиениот мандат од граѓаните потоа лидерот и раководството на партијата го носат со себе во извршната власт. Тоа е, всушност, целата идеја на демократијата.
Како тогаш Заев и Шекеринска ќе го добијат мандатот да владеат со Македонија доколку изворно не го добијат мандатот од граѓаните? Точно, во историјата имало и други примери. Царевите и кралевите владееле „по милоста божја“, комунистите владееле затоа што тие биле освестената „авангарда на работничката класа“, но целокупната историја на демократијата е борба граѓаните да избираат кој ќе ги претставува во собранието и кој ќе управува со државата. Од овие причини не престанува да ја бранува јавноста оваа бизарна одлука на Зоран Заев. Како тој или Радмила Шекеринска планираат да бидат премиери без да го потврдат својот мандат на избори?
Што се однесува на прашањето дали СДСМ ќе го изгуби својот статус на најголема опозициска партија, мислам дека проблемот е далеку поголем за СДСМ. Партии кои што биле доминантни на политичката сцена, партии што предолго владееле, кога ќе ја изгубат причината за своето постоење ги снемува од политичката сцена, едноставно се топат. Тоа не значи дека ликовите што политички се граделе низ оваа партија ќе ги снема од сцената, но веројатно е дека нив ќе ги гледаме во други форми на политичко делување. Се додека СДСМ, ваква каква што е, претставува чинител на македонската политичка сцена и се додека нивните структури се уште ги држат во заробеништво безмалку сите сфери на живеењето, Македонија нема да ја заокружи својата демократизација. 

ПРЕС24: Боцевски, сакам да те прашам за нешто за што во СДСМ веќе седум години веројатнио немаат одговор. Што ќе значи пораз за СДСМ на овие избори? Кој е тој резултат што СДСМ треба да го оствари за да во Партијата го дефинираат како пораз? 

БОЦЕВСКИ: Па, зарем и за ова треба повторно да дискутирам и да дебатираме? Пораз за СДСМ ќе значи макар и еден глас помалку од ВМРО-ДПМНЕ на изборите, како и макар и еден пратеник помалку во Собранието. Тоа е пораз. Штом претендирате да бидете стожерна партија, односно партија што нуди Премиер, а друга партија освои највеќе гласови, тогаш тоа е пораз. Нормално, пораз ќе значи и реизбор на Ѓорге Иванов за претседател на Македонија.

Меѓутоа, доколку така го дефинирате поразот, тогаш ќе треба да се погледнете во огледало и да видите дека немате никаква понуда за граѓаните, дека нема програма и дека немате воопшто никаква причина за постоење како организирана политичка сила. Доколку се соочите со таа реалност, можеби и ќе пристапите до своја радикална преобразба.

Погледнете впрочем што ќе се случува во изборите. За огромен дел од досегашната пратеничка група на СДСМ периодот по изборите ќе значи конечно соочување со вистинскиот живот и со дневната борба за белиот леб. Тоа нема да биде лоша животна лекција за овие луѓе. 

ПРЕС24: Можно ли е на Македонија да и се случи “Вучиќ ситуација”, односно преамбициозно ли е сценариото за 70 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ? 

БОЦЕВСКИ: Јас не гледам голема разлика помеѓу 55 и 70 пратеници за владејачката ВМРО-ДПМНЕ. И во едниот и во другиот случај тие остануваат доминантна сила во македонската политика. Единственото нешто што го очекуваме од ВМРО-ДПМНЕ е конечен почеток на најавениот „нов бран“. Инаку, и покрај тоа што Македонија и Србија имаат слични општества и поминуваат низ слични премрежија, сепак во изминативе години на самостоен развој двете држави развија свои автентични политички сцени кои имаат некои сличности, но не може да се споредуваат. Во секој случај, ќе биде добро и за Македонија доколку Србија влезе во стабилни политички води. Еве, за почеток, Србија за првпат во историјата има Собрание каде што се застапени партии што го споделуваат консензусот за членство на Србија во ЕУ (Македонија тоа го има од 1990 година). Да се надеваме дека Србија ќе смогне сили уште пожестоко да влезе во борба со корупцијата и во суредувањето на своите институции затоа што од овие процеси секако дека и Македонија ќе има полза. 

ПРЕС24: Ајде малку околу листите за пратеници. СДСМ излезе со листи на кои го нема партиското раководство, но ги нема ниту најекспонираните кадри. Партијата тоа го дефинираше како авангардна политика на промовирање на новото лице на СДСМ. Во јавноста имаше многу анализи за ова. Но, она што јас сакам да те прашам е за позадината за оваа одлука? Која е Вашата проценка, што го натера Зоран Заев на ваков чекор? 

БОЦЕВСКИ: Покрај причините за кои што веќе зборувавме, постои и друго објаснување зошто се случило сето ова со листите на СДСМ. Веќе подолго време се најавува промена на политичките генерации во СДСМ, а исто така мошне срамежливо се зборуваше и за кадровско освежување на партијата. Притоа медиумите блиски до новото раководство брифираа дека Заев одлучил да претстави нови лица во партијата, на сметка на истрошените ликови од последната владата на СДСМ и од веќе стандардната постава на оваа партија во Собранието. Прстот најчесто беше посочуван кон пратениците што важеа за блиски до поранешниот претседател Црвенковски (Макрадули, Ивановски, Минчев, Савова и така натаму). Меѓутоа, тест за лидерството на Никола Груевски беше неговото директно влегување во отворен судир пред целата македонска јавност со Љубчо Георгиевски, основачот и дотогаш неприкосновен лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Нормално, судирот заврши со раскол и создавање на ВМРО-НП, но на крајот самите избирачи определија кому му припаѓа правото на „брендот“ ВМРО-ДПМНЕ. Од Заев, претходно од Шекеринска, а уште порано од Бучковски, се очекуваше ист таков директен раскин со Црвенковски и со сето она што тој го претставува во македонската политика (1990-тите со сиот свој багаж). Наместо тоа, Заев повторно калкулантски се обидува ем да расчисти со минатото, ем тоа да го направи без раскол и директно соочување. Се плашам дека тоа трагично ќе заврши за него, иако тој својот мандат го почна со огромни очекувања од целата македонска јавност. 

ПРЕС24: Можно ли е враќање на Црвенковски на политичкта сцена, како што тоа го направи Георгиевски? 

БОЦЕВСКИ: А, зарем тој некогаш заминал од политичката сцена? Погледнете само како изгледаа двете фотографии од гостувањето на делегации на СДСМ на празникот Водици во Охрид, една официјална со генералниот секретар Оливер Спасовски и друга, далеку поголема, околу Бранко Црвенковски. Јасно ни беше ставено до знаење чија е таа партија и каков резултат дава ДНК-тестот на татковство во СДСМ. Замислете „ДНК-татковство на партија“, ова досега не е слушнато во политичката пракса. Црвенковски е несомнено централната фигура во СДСМ. И ден-денес тој да се појави на нивните митинзи ќе ја дигне еуфоријата и ќе добие најголемо скандирање. Видете впрочем што се случи на промоцијата на Пендаровски кога на екраните се покажа слика на Црвенковски, ни живиот присутен Пендаровски или Заев не добија поголем аплауз од фотографијата на Црвенковски. Меѓутоа, тој има еден сериозен проблем. Имено, СДСМ предводена од Црвенковски не може да го совлада на демократски избори ВМРО-ДПМНЕ на Груевски. 1990-тите дефинитивно завршија во Македонија.

ПРЕС24: Иако се уште кампањата за парламентарните избори е самиот старт, сепак не е тешко да се навести на која карта ќе игра опозицијата. И овој пат веројатно во фокусот ќе биде реториката за демократија, за правда, за слобода. Агенда која на СДСМ и донесе шест поседователи изборни порази. Која е политичката логика да се декларирате како ново лице на СДСМ, а истовреме да ја продолжувате поразителната политика на претходното раководство? 

БОЦЕВСКИ: Пендаровски има еден сериозен предизвик. Тој е непознато лице во македонската политика. Да, тој е познат во круговите на високата политика, познат е и меѓу новинарите, меѓу стручната јавност во политичките науки, но за обичниот граѓанин, кој, за разлика од мене и од Вас, не е зависник од политичката и не е постојано приклучен на медиумите, Пендаровски е непознат лик. Тој, всушност, го има истиот проблем што Иванов го имаше во 2009 година. Тогаш Иванов, исто така, беше познат во круговите на високата политика, беше познат помеѓу новинарите, беше познат во стручната јавност во политичките науки, но беше сосема ново лице во политиката. Сметам дека малку задоцни СДСМ со неговата промоција, имајќи предвид дека тој е ново лице во политиката.

Што се однесува до политичките пораки, тука имаме сосема поинаква ситуација. Замислете, партијата што ги фалсификуваше изборите во 1994 година и која што никогаш не се извини за тоа сега бара демократија, партијата што ја имаше Ленче Софрониевска како неприкосновен диктатор во сферата на судството сега бара правда, партијата што направи беспотребна интервенција во Тетово и во Гостивар во 1997 година, со цел да ја скрие девалвацијата и директното осиромашување на секој граѓанин, сега се залага за подобри меѓуетнички односи, партијата што ги излажа граѓаните дека со приватизацијата стопанството ќе добиело стопан, а наместо тоа предизвика економски армагедон, стечајци и пад на стандардот, сега се грижи за осиромашувањето, партијата која што со бесперспективноста на своето владеење предизвика вистински егзодус од Македонија, сега се сети дека граѓаните се иселуваат. Апсурдот да биде целосен, партијата што му помагаше на режимот на Милошевиќ да шверцува нафта и што ја претвори Македонија во извозен центар за Србија на Милошевиќ, партија што никогаш не ги раскина врските со СПС на Милошевиќ и чии што лидери се воодушевуваа на неговата политика, сега има полна уста со Милошевиќ и обвинува некој друг дека бил Милошевиќ.

Кој ќе поверува на ова?

Тоа е клучниот проблем на СДСМ. Тие немаат никаква кредибилност кога зборуваат за слобода, правда, демократија, владеење на правото, економија, иселување, Милошевиќ. Па, зарем некој сеуште верува во приказните на СДСМ и на таканареченото цивилно општество на Владе Милчин прикачено кон СДСМ. 

ПРЕС24: Колку политиката што ја наметна ВМРО-ДПМНЕ и ја форсира изминативе седум години е причината за успехот на владеачката партија, а колку безидејноста на СДСМ да ја следи таа политича е причината за поразите на опозицијата?

БОЦЕВСКИ: Знаете, многумина во Македонија тврдат дека зад успехот на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски се криела неговата позиција за името, некако национализам, популизам, пропаганда, манипулација, авторитаризам, диктатура и така натаму. Меѓутоа, суштинската причина зад успехот на ВМРО-ДПМНЕ е новиот стил на работа, со јасно претставена програма, проекти и рокови за нивно исполнување. Покрај тоа, другата причина за успех е враќањето на моќта на јавните институции. Во времето на СДСМ институциите се претворија во една обична шега, беа лишени од своите овластувања, а вистинската мож лежеше исклучиво во владејачката врхушка и со нејзе поврзаната бизнис-олигархија. Сега е јасно дека моќта е во институциите. Никој веќе не спори дека УЈП, Царината и другите служби си ја вршат работата и дека веќе нема привилегирани во овие институции. Се надевам дека именувањето на Ванчо Каргов за раководител на новото тело за координација на инспекциските служби ќе придонесе кон натамошно враќање на регулаторната улога на државата. Тука треба да се бара една од причините за успехот на ВМРО-ДПМНЕ. Понатаму, не смее да се запостави организациското устројство на оваа партија и тоа што тие ги следат новите и модерните техники за партиско организирање и водење кампањи од другите поразвиени демократски земји. На крајот, за разлика од херметички затворената СДСМ каде што нема нови ликови и каде што веројатно се знае кој на која функција ќе биде некаде до половина на овој век, ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема проблем да промовира и да кооптира лица што не и припаѓале и не и припаѓаат на партијата со што го си го зголемува кадровскиот потенцијал. На крајот, тие ја раширија својата идеолошка платформа, па сега се огромен идеолошки шатор каде што свое место може да си најдат и партии со различни идеолошки профили, но и партии на етничките малцинства.

Работата, секако, многу им ја олеснува тоа што од другата страна го имаат СДСМ, со сета своја безидејност.

ПРЕС24: Боцевски, во јавноста се наметнува едно сценарио, кое наводно било надежта во опзицијата, а тоа е колку помала разлика меѓу Иванов и Пендаровски во првиот круг, толку поголеми шанси за СДСМ во вториот круг. Може ли Пендаровски, и колку тоа би било поразително за Лидерот на Партијата, да и обезбеди на СДСМ пратеник повеќе? 

БОЦЕВСКИ: Јасно е дека целата стратегија на СДСМ во овој изборен циклус се потпира на резултатот на Пендаровски во првиот круг на изборите. Тие дури не целат Пендаровски да победи, туку да се приближи до некои 50-60 илјади разлика во однос на Иванов. Доколку се случи таква ситуација, тогаш тие ќе прогласат победа и ќе настапат триумфално во последните две седмици од кампањата, ќе настојуваат да го принудат Али Ахмети и ДУИ отворено да настапи со отворена поддршка за Пендаровски (во позадина веројатно се надеваат и дека некои фактори од меѓународната заедница ќе лобираат ДУИ да го поддржи Пендаровски), па на крилјата на Пендаровски ќе се надеваат да дојдат до победа. Вака изгледаат нештата во светот од влажните сништа на СДСМ, а како изгледа сето тоа во вистинскиот свет ќе видиме на 13 април.

Ставањето се една карта (резултатот на Пендаровски во првиот круг), на крајот може да има лоши последици врз СДСМ. Имено, доколку разликата измеѓу Иванов и Пендаровски по првиот круг биде поголема од 100 илјади гласа, тогаш се распаѓа кампањата на СДСМ иако дури престојат избори за Собранието. Јас се надевам дека во ваков случај СДСМ ќе смогне сили повторно да не влезе во мрачни сценарија за Македонија.

ПРЕС24: Како ја оценувате досегшната кампања за претседателските избори? 

БОЦЕВСКИ: Досегашната кампања е рутинска кампања. Јас се уште не гледам голема енергија и голем ентузијазам во кампањата. Веројатно сето тоа ќе се промени со почетокот на кампањата за парламентарните избори, но досега не сме сведоци на преголема возбуда.

ПРЕС24: Пендаровски веројатно беше надоброто решение што СДСМ можеше да го понуди како кандидат за Претседател. Ако тој е решение и кандидат на СДСМ, зошто толку многу инсистира на дистанца од СДСМ?

БОЦЕВСКИ: Промоцијата на Стево Пендаровски во Универзална сала и неговата кампања за претседател каде што никаде ги нема ни симболите на партијата, ни ликовите што се икона на СДСМ, е најдобро признание од самата партија дека брендот СДСМ е токсичен бренд, отфрлен од граѓаните. Жалам само што Стево Пендаровски е избран да биде смоквиниот лист што треба да ја покрие оваа бедотија. Тој затоа се труди да ја истакне својата неутралност, својата независност, во последно време гледаме дека тој инсистира дека бил натпартиски кандидат и слично. Веројатно, во СДСМ ги имаат испитувањата на јавното мислење (тука не мислам на оние што ги пуштаат за да си ги одржуваат надежите во живот) и таму јасно стои дека Пендаровски има проблеми да излезе од кругот на гласачите оивичен со поддршката на СДСМ, па затоа сега се оди со оваа стратегија. Сепак, доколку сакаа така да играат требаше да изберат поинаква стратегија. Стево Пендаровски е кандидат на СДСМ, со сето бреме што токсичноста на СДСМ ја носи со себе.

ПРЕС24: Се случи и долго зборуваната дебата меѓу претседателските кандидати. Каков е Вашиот впечаток, кој како излезе од оваа дебата?

БОЦЕВСКИ: Медиумите блиски до СДСМ создадоа впечаток дека Иванов е толку очаен кандидат што за него ќе биде успех доколку успее да каже „добра вечер“ и да се претстави во дебатата без да направи грешка. Еве, сега се толку изненадени од „послушникот“, „полтронот“ и „гаф-мајсторот“ кој што „не срамоти по светот“, па нема ниту една единствена вест, коментар или оценка на дебатата во нивните медиуми и по социјалните мрежи. Нормално, затоа што оваа дебата заврши со предност за Иванов.

Истите тие медиуми веќе неколку седмици го претставуваат Пендаровски како „витезот на бел коњ“ што треба да ја спаси Македонија од „диктаторскиот режим“. Вчера, за негова жал, тој имаше мошне блед и невпечатлив настап. Изгледаше дека небаре некогашниот советник на претседателот не може да си ја надрасне својата улога на советник и да се претстави како политичар, кандидат за претседател, способен да носи одлуки од национално и државно значење. Советникот на претседателот Пендаровски беше замрзнат во присуство на претседалот Иванов.

Зоран Поповски, пак, го искористи своето време рационално. Тој е мошне интересен кандидат затоа што е антипод на лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски. Околу Јакимовски постојано има некој метеж, гужва, стрес, а Поповски проектира смиреност околу себе.

На крајот, Илијаз Халими исто така покажа достоинство на кандидат за претседател. Тој, иако претставува една партија на етничките Албанци, покажа дека има разбирање за идентитетското прашање како клучна точка во спорот за името. Сепак, неговото богато политичко искуство си дојде до израз.

Во секој случај, беше извонредно да се следи повторно една претседателска дебата. Јас се надевам дека ќе имаме можност да следиме уште едно соочување на државниот сервис пред вториот круг на изборите.

 

 

 

06.04.2014 - 12:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа