Груевски до неопределените: Поддржете не за да се справиме со уцените на ДУИ

Македонскиот премиер Никола Груевски на синоќешниот централен митинг на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ испрати порака до неопределените: вашиот глас е важен за нас, важен за Македонија.

- Вашиот глас ќе одлучи дали ќе ни дадете ветер во грб, за да продолжат проектите, делата, реформите, за кои сме убедени дека ќе им помогнат на многумина граѓани. Да бидете зад нас за да се справиме со уцените на ДУИ како и со другите предизвици важни за државата и за нашиот идентитет.  Вашиот глас е важен за нас, важен за убедливоста на нашата победа, за очекуваните 62 пратеника, за да не дозволиме некој да не уценува...Проектот на ДУИ за двојазичност на целата територија на РМ не е одраз на реалноста во Македонија, ниту дел од Рамковниот договор, затоа бараме 62 места во Парламентот. Консензуален кандидат и промена на Уставност тоа не е реалност..., рече вчера Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави нови реформи во образованието, социјалата и здравството.

До септември 2014, рече премиерот, ќе се реализира проектот еднократен отпис на долговите за најранливите категории граѓани - за неплатена струја, за минусни банкарски салда, неплатени долгови за парно греење, за радиодифузна такса...

Студентите секој четврток ќе можат бесплатно да го користат градскиот и железничкиот превоз и  жичарницата на Водно, а во тој ден од месецот тие бесплатно ќе ги посетуваат и музеите, театрите и кината во државата. Учениците и студентите со попуст од 50 проценти на билетот ќе ги користат услугите на „Македонски железници“. Младите до 27 години во еден викенд во месецот ќе имаат право на бесплатен повратен билет да патуваат со воз.  

Груевски најави дека ќе продолжи мерката за едногодишно ослободување од плаќање придонеси за работодавачите кои ќе вработат млади лица до 29 години под услов да ги задржат на работа 12 месеци.

Премиерот најави и дека ќе се осовременува наставата во средните и основните училишта. Ќе се набават нови 300.000 таблет-компјутери за сите ученици, ќе се набават интерактивни табли и ќе се внесат нови дигитални содржини, ќе се воведе образовниот систем од Кембриџ, најпрво за математика и природни науки, а подоцна и за други предмети, ќе се воведе предмет програмирање уште во основното училиште за да се развие ИКТ  знаењето во Македонија.

Спортската академија, рече Груевски, ќе има дисперзирани паралелки во Велес, Гостивар, Охрид, Штип, Струмица, Битола, Прилеп и во Куманово и ќе се развива и училишниот спорт со професионални тренери за што поголемо вклучување на ученици.

-  Ќе следи изградба на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје и клиничката болница во Штип, ПЕТ-Центарот и реновирање на поголем број болници, меѓу кои „Св. Еразмо“ во Охрид, Струмичката болница, „8 Септември“, „Св. Наум Охридски“, Психијатриската болница во Демир Хисар..., рече Груевски.

Тој наведе дека ќе се воведуваат нови лекови на позитивната листа и ќе се обезбеди пристап до нови, современи лекови, воведување  поливалентни вакцини препорачани од СЗО.

Меѓу 2.046 проекти од новата програма на ВМРО-ДПМНЕ, е и поставување на автомати низ градовите на кои граѓаните ќе можат да добиваат документи од различни институции (изводи, имотни листови, докуемнти од УЈП и Катастар), како и можност со картичка да ги платат сметките за  струја, вода, телефон... 

06.04.2014 - 11:02
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега